Апелациониот суд Скопје ја укина ослободителната пресуда за таткото на Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски за другите обвинети ја потврди доживотната казна затвор.
„Постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-1111/25, во јавноста познат како „Убиството на Вања и Панче“, по одржана јавна седница на 11.05.2026 година и разгледување на списите во предметот, пресудата, изјавените жалби, предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје, на нејавен дел од седницата на 10.07.2026 година, донесе одлука со која ги одби како неосновани жалбите на обвинетите В. М., Б. В., В. К. и Љ.П., а ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, на начин што пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1339/24 и К.бр.1571/24 од 25.06.2026 година:
– ја потврди во осудителниот дел по однос на обвинетите В. М., Б. В., В. К. и Љ. П., каде се огласени виновни за едно кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 1 и точка 7 в.в со член 22 од Кривичниот законик, едно кривично дело Грабнување од член 141 став 2 в.в со став 1 в.в со член 22 од Кривичниот законик и едно кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 4 в.в со член 22 од Кривичниот законик и осудени на казна затвор – доживотен затвор;
– ја укина во ослободителниот дел – по однос на обвинетиот А.Ѓ., за кривично дело Грабнување од член 141 став 2 в.в со став 1 в.в со член 24 од Кривичниот законик, во кој дел предметот го врати пред првостепениот суд на повторно постапување и одлучување,“ информираат од Апелациониот суд.














