Повеќе од 250 доброволни пожарникари на престројување во ДЗС-Ангелов вели дека се спремни како никогаш досега

Повеќе од 250 доброволни пожарникари се престроија на пистата во касарната „Гоце Делчев“ во општина Аеродром.

Со постројувањето беше утврдена реалната бројка на доброволни пожарникари, од сите активни доброволни противпожарни друштва во Македонија, кои се подготвени организирано да учествуваат во гаснењето на летните пожари на отворен простор како дел од Тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и командант на Силите за заштита и спасување, Стојанче Ангелов рече дека оваа сезона се подготвени како никогаш досега.

„Поради опасноста од пожарите Владата оваа година благовремено прогласи кризна состојба уште од 1 јули со што на располагање ги имаме сите механизми на кризната состојба како што е непречено учество во справувањето со пожарите на Полицијата и Армијата но и на сите останати национални ресурси.

После долги години за прв пат оваа година, уште од јуни, на располагање имаме три функционални ер трактори со пилоти. Вчера и денес помагаат да се изгасне пожарот кај с. Бајково во општината Ново Село.На располагање имаме и два полициски и еден армиски хеликоптер.

ДЗС на располагање има 42 специјални противпожарни возила, поранешни армиски и полициски возила, кое наместо да скапуваат по армиските или полициските паркинзи и полигони или да завршат во отпад како старо железо, се пренаменија во извонредни противпожарни теренски возила. Со договор на дело ангажирани се и доволен број на поранешни искусни припадници на Полицијата и Армијата кои ќе управуваат со овие 22 пинцгауери, 15 БТР 80 и 5 хермелини со цистерни.

На ниво на држава имаме околу 950 професионални пожарникари, 105 т.н. навални возила односно цистерни со моќни пумпи, 50 возила за гаснење на шумски пожари, 55 теренски возила со пумпи и 33 автоцистерни. Скопската БППЗ стави во функција повеќе противпожарни возила кои лежеа по паркинзи поради ситни дефекти. Оваа година се набавени и 1.000 најсовремени противпожарни водни ранци и 1.000 противпожарни метли, противпожарните единици поседуваат голем број на лична заштитна униформа и друга противпожарна опрема,“ рече Ангелов.

Фото/ДЗС

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести