Реновирањето на градскиот водовод во Гостивар било завршено 98%, тврдат од ЈП Комуналец

Откако во медиумите се отвори прашањето што се случува со проектот за реновирање на градскиот водовод во Општина Гостивар, се огласија од јавното претпријатие ЈП “Комуналец“ Гостивар.

Од таму тврдат дека проектот бил околу 98% готов.

-Според документацијата и информациите со кои располага ЈП “Комуналец“, околу 98 проценти од предвидените работи се реализирани и тестирани. За изведените активности постојат технички записи, извештаи и видео документација, велат од таму.

Информираат и дека градежните и техничките работи не ги изведувал ЈП ‘Комуналец’, туку договорно ангажирани изведувачи, согласно одобрена проектна документација и под двоен стручен надзор.

Оттаму велат и дека две години чекале одобрение од Јавното претпријатие за државни патишта, за да се направат уште 600 метри од трасата, за целосно поврзување на системот.

-Иако барањето за согласност е поднесено пред околу две години, таа сè уште не е издадена. Без ова одобрение, не постои законска можност да се продолжи со изведбата на тој дел од трасата. Овој факт е суштински за разбирање зошто системот сè уште не е целосно ставен во функција.

Затоа е потребно јасно да се разграничи изведбата на проектот од административните и институционалните пречки што го одложуваат неговото завршно поврзување, велат од таму и посочуваат дека претпријатието е подготвено на надлежните институции, ревизорските тела и истражните органи да им ја стави на располагање документацијата со која располага.

Проектот за реновирање на градскиот водовод е финансиран од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања – SECO и Германската развојна банка – KfW.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гостиварци од денеска можат да се капат и да мијат садови, водата уште не е за пиење и за готвење

Фото: ЈП „Комуналец“ Гостивар

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести