Од Универзална Инвестициона Банка (УНИ) АД Скопје преку Македонската берза информираа дека Управниот одбор на Банката денеска добил известување од Steiermarkische Bank und Sparkassen AG, од Грац, Австрија, дека има намера да даде понуда за преземање на сите запишани обични акции што соодветствуваат на 100% запишан акционерски капитал и гласачки права во УНИ Банка Скопје.
Станува збор за матичната банка на Шпаркасе Банка Македонија.
За акција австриската банка нуди 126.3766353 евра по акција.
Од УНИ Банка објаснуваат дека во добиеното известување стои и дека покрај согласностите од домашните тела и институции објавувањето на понудата за преземање, е условено со претходни дозволи и/или согласности кои ги носат странски надлежни тела и институции: (i) Одобрување на концентрацијата од црногорското тело за заштита на конкуренција и српското тело за заштита на конкуренција и (ii) Одлука за одобрување од Европската централна банка (Странски одобренија).
-Во известувањето стои дека согласно член 26-а став (4) од Законот за преземање на акционерски друштва, Преземачот ќе поднесе барање за добивање на дозвола за понудата за преземање и проспектот до Комисијата за хартии од вредност согласно Законот за преземање на акционерски друштва, откако ќе бидат добиени Странските одобренија.
Согласно член 26-а став (3) од Законот за преземање на акционерски друштва, во случај кое било од Странските одобренија да не биде добиено, намерата ќе се смета за повлечена и нема да биде дадена понуда за преземање.
Во однос на ова, (i) во случај која било институција надлежна за давање на кое било од Странските одобренија да отфрли или одбие да го издаде соодветното Странско одобрение, Преземачот ќе извести согласно член 26-а став (5) од Законот за преземање на акционерски друштва, или (ii) во случај која било институција надлежна да даде било кое Странско одобрение, истото да не го издаде во рок од 12 месеци од објавувањето на намерата за преземање, Преземачот ќе извести согласно член 26-а став (6) од Законот за преземање на акционерски друштва, велат од таму.














