Во врска со намерата за целосно преземање на Универзална Инвестициона Банка (УНИ) АД Скопје се огласија и од Штаермеркише Шпаркасе Групацијата, сопственик на Шпаркасе Банка АД Скопје.
Освен што информираат дека до УНИ Банка е поднесенo Известувањето за намера за преземање на сите запишани обични акции, појаснуваат и дека објавувањето на намерата за преземање претставува прв, иницијален чекор во процесот.
-Самата реализација на трансакцијата и понудата за преземање во претстојниот период подлежат на законски и регулаторни процедури, кои вклучуваат задолжително прибавување на претходни согласности и одобренија од надлежните институции во Република Северна Македонија, како и од соодветните меѓународни регулаторни тела.
Во тој контекст, Штаермеркише Шпаркасе Групацијата останува целосно посветена на успешно, транспарентно и одговорно спроведување на сите наредни чекори во согласност со важечките прописи и највисоките професионални стандарди, велат од таму.
Во врска со намерата изјава даде и Георг Бухер, претседател на Управниот одбор на Штаермеркише Шпаркасе и претседател на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје.
-Како една од водечките банкарски групации во Европа, имаме силна доверба во македонскиот банкарски сектор и неговиот долгорочен потенцијал за раст. Оваа објава ја потврдува нашата континуирана посветеност на пазарот и нашата стратегија за одржлив раст.
Со овој чекор имаме цел дополнително да го зајакнеме нашето присуство во Северна Македонија и да ја унапредиме нашата улога како доверлив, стабилен и долгорочен партнер на граѓаните, деловната заедница и економијата во целина. вели Бухер.
Штаермеркише Шпаркасе е застапена во Македонија од 2008, со сегашна вкупна актива од скоро две милијарди евра во земјата.
По преземањето на УНИ Банка, Штаермеркише Шпаркасе ќе располага со вкупна актива од околу 2,8 милијарди евра во Македонија и пазарен удел од приближно 17%, посочуваат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Шпаркасе сака целосно да ја преземе УНИ Банка














