На денешното судење за „Државна лотарија“, Обвинителството презентираше докази за злоупотреби, за одбраната се контрадикторни

Со читање на материјалните докази од страна на Јавното обвинителство, во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.

На денешното рочиште, Обвинителството презентираше обемна документација поврзана со основањето на заедничкото друштво со странски партнер, владини одлуки, како и финансиски трансакции поврзани со набавката на видеолотариски терминали (ВЛТ). Обвинителството ги презентираше и договорите за заедничко вложување и основање на „Државна видео лотарија на Република Македонија – Казинос Аустриа ДОО Скопје“ од 2013 година, како и известување од странскиот содружник до Владата од 2022 година за непочитување на правната сигурност.

Како што образложи обвинителот, со овој доказ се укажува дека странскиот содружник реагирал оти правото на приредување електронски игри на среќа било внесено како основачки влог и со него не можело понатаму самостојно да се располага.

Како материјални докази беа приложени и девизни налози, банкарски изводи од Халк банка, аналитички картички за економските оператори „Еврогамес технолоџи“, „Синот“ и „Шпедиција МКД“, како и десетици формулари за реализација на фактури, сметки и испратници за набавените апарати.

За бранителот на обвинетиот Бојан Јанев, адвокат Јордан Апостолски, пак, обвинението е слабо, нејасно и контрадикторно, а изведените докази покажуваат дека членовите на Надзорниот одбор постапувале по инструкции и со претходна согласност од Владата, штитејќи го државниот интерес. 

Апостолски истакна дека со досега презентираната документација се засилува тезата на одбраната.

– Со првиот дел од изведените докази се засилува нашата теза дека обвинението е слабо, нејасно и контрадикторно. Од самите докази кои ги видовме денес, произлегува… произлегува дека обвинетите не само што не ги сториле делата кои им се ставаат на товар, туку спротивно, тие постапувале по инструкции на Владата, со претходна согласност од Владата и само го штителе државниот интерес што им била во нивна надлежност како членови на Надзорниот одбор. За другите обвинети не можам да кажам, но членовите на Надзорниот одбор постапувале штитејќи го државниот интерес. И многу е чудно зошто Обвинителството сака да го заштити монополот на Казинос Австрија кој го имале тогаш, а не Државната лотарија да приредува игри на среќа самостојно – изјави Апостолски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести