Лидерите на две од водечките светски компании за вештачка интелигенција побараа регулација, во спротива се загрозува глобалната безбедност

Меѓународни стандарди и соработка за индустријата за вештачка интелигенција, бидејќи во спротивно се загрозува глобалната безбедност, апелираа пред Советот за безбедност на ОН, лидерите на две од водечките светски компании за вештачка интелигенција (ВИ) „Опен АИ“ и „Антропик“, Сем Алтман и Дарио Амодеи.

Амодеи истакна дека ВИ би можела да претставува ризик за човештвото во целина. Алтман повика да се воспостават меѓународни стандарди за „мерење на можностите, проценка на ризиците, утврдување дали заштитните мерки се соодветни и зачувување на значаен човечки надзор“ врз оваа технологија што брзо напредува.

Тој истакна дека на земјите им е потребно точно и брзо известување за да може „светот да учи од неуспесите пред тие да прераснат во катастрофи“. Дополнително, тој предложи воспоставување безбедни канали за споделување информации меѓу владите за новите закани.

Амодеи предложи конкретни глобални договори, како што е забраната за користење ВИ за производство на биолошко оружје; системи за евалуација и верификација кои би им овозможиле на земјите да ги потврдуваат меѓусебните заложби; и заеднички глобални стандарди за тестирање на ВИ, придружени со систем за известување за безбедносни инциденти поврзани со оваа технологија.

„Верувам дека ова е најважното прашање за глобалната безбедност со кое се соочува светот денес.И покрај сите разлики меѓу луѓето, мораме да ги оставиме тие разлики настрана за да се соочиме со оваа глобална можност и глобална закана што истовремено ни се заканува“, рече Амодеи.

Алтман ги потенцираше главните несогласувања помеѓу двете страни. Едната страна предупредува дека вештачката интелигенција би можела да го уништи човештвото, додека другата ги смета таквите предупредувања за претерани и тврди дека оваа технологија ќе донесе огромен напредок за човештвото.

„Влегувањето во која било од овие крајности нема да ни помогне успешно да се справиме со предизвиците што се пред нас. Особено во време кога светот и луѓето се соочуваат со огромни предизвици при чие решавање оваа технологија може да помогне,“ рече Алтман.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

За првпат во историјата вештачка интелигенција хакираше сајт на владина институција во Австралија

Во исто време на овие апели, Австралија објави дека кај нив се случил првиот случај на хакирање на владина веб-страница од страна на агент со ВИ.

Имено, вештачката интелигенција на „ОпенАИ“ во јуни извршила упад до порталот за медицинска статистика на „Медикер“, австралиската програма за универзално здравствено осигурување, додека спроведувал истражување за јавните трошоци во здравството.

Австралиската влада го истражува случајот и изрази загриженост до извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман.

Воедно ќе испита и зошто владините системи не успеале да го детектираат упадот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Дали вештачката интелигенција е закана за човештвото?

Може ли вештачката интелигенција да не остави без интернет?

Може ли вештачката интелигенција да не остави без струја?

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести