Мартина Млинаревиќ Сопта, писателка од Босна и Херцеговина е на насловната страница на новогодишното издание на „Грација“, со голи гради, за да покаже како изгледа жена оперирана од рак на дојка.
„Грација“ ја прогласи Сопта за Личност на годината, бидејќи по операцијата на левата града, таа се реши да зборува јавно и испрати силна порака до жените и девојките на Балканот. Укажа колку е важно да се вршат редовни прегледи, бидејќи не се знае кој е следен.
По повод оваа насловна, Мартина се огласи на нејзиниот фејсбук-профил, чиј што статус го пренесуваме во целост.
„Оваа насловна е бидејќи сме бомбардирани со совршенство без маана на секој човек, бидејќи живееме во фотошопирани животи, бидејќи децата ни растат во извртен систем на вредности каде што „цицките и
гзовите“ на старлетите и турбофолкерките се главна тема, живееме во помрачен ум зафатен со Кардашијанизација, поминати низ десет Инстаграм-филтери.
Гледам како мајките објавуваат фотографии на своите деца на кои им ги зголемуваат усните и очите, ставаат маскари со филтри и им ја менуваат бојата на зениците.
Гледам мајки кои подоцна тоа го финансираат и плаќаат вистински операции на децата, кои растат без никаква самодоверба, уверени дека се некои други, неспособни да се прифатат такви какви што се, во свет каков што од нив бара да станат.
И затоа се нафатив. И тоа баш за новогодишниот број во кој се сумираат најголемите успеси во блескави фустани. Преживеав и тоа е мојот најголем успех. Славиме будалаштини, а луѓето, непознати херои секој ден ги преживуваат своите најтешки битки.
Без маски и филтри, нормално. Затоа оваа фотографија и оваа насловна страна. Отворено до срж. Прави прегледи за тоа утре да не бидеш ти. Не купувај чанта, закажи преглед.
Насловна страна и поради нашето лицемерие и табуа, фактот дека карциномот се уште го нарекуваме „она најлошото“, дека за заболените веднаш бараме гробно место и ги пречкртуваме, ги ставаме на маргините, за неупатеноста и необразованоста на нашите луѓе кога се во прашање овие болести, за разбивање на предрасудите.
Насловна страна со рез и белег, бидејќи сум си убава вака, без силикони. Карциномот ништо не ми зеде, иако наизглед физичкиот изглед. Напротив, само ме надополни. Претходно бев тврдоглав морон. Сега сум силна како бетон, тврдоглав морон“.
Фото: Фејсбук-профил на Мартина