еМагазин
Image default
Бизнис

Препораки пред патувања: Како да се заштитите од измамите на туристичките агенции

Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција рече дека агенциите кои немаат лиценци не можат и не смеат да продаваат аранжмани.

Патниците исто така се измамени поради невнимателно читање на направениот договор.

„За секој аранжман треба да се склучи договор со избраната агенција, кој потоа овозможува сигурност за двете страни. Што се однесува, пак, до агенциите, со измените на законот за туристичка дејност, кој е во работна верзија, ќе се зајакнат условите за добивање на лиценца, па очекуваме тоа да донесе подигање на нивото на услугите, намалување на бројот на незадоволни патници, а со тоа намалување на нелојалната конкуренција, во корист на агенциите кои работат професионално и согласно закон“, рече Бектеши.

Тој објасни дека согласно актуелниот закон, постојат два вида лиценци, и тоа Лиценца А – за агенции кои организираат патувања надвор од државата и можат да носат туристи во државата од други земји, додека Лиценца Б добиваат агенции кои организираат патувања во рамки на државата, но може да продаваат аранжмани за агенции со лиценца А, како субагенти, при што треба да стои наведено која агенција со лиценца А е носител на аранжманот.

„Значи, прво правило при изборот на агенција е да се обрне внимание дали агенцијата е лиценцирана и кој е носител на аранжманот. Проверката може да ја направат во Регистарот на агенции на веб страната на Министерството за економија, а носителот на аранжманот треба да е назначен на самиот Договор за патување.

Кога сме кај Договорот, тој треба да е во писмена форма и да ги содржи сите елементи од понудата, односно сето она што е ветено од страна на туристичкиот работник, во чиј прилог треба да биде ставена комплетната програма на патување“, објасни Бектеши.

Доколку, сепак, се случи неисполнување или некомплетно исполнување на обврските од страна на агенцијата, патникот треба да го пријави целиот случај до Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија.

Инспекторатот по пријавата врши контрола и доколку се утврди пропуст, агенцијата ќе биде казнета, а доколку истата агенција ја повторува грешката односно добие две казни за прекршоци, Министерството за економија носи решение за одземање на лиценцата за работа.

„Како орган за надзор на пазарот, а со цел превентивно да делуваме пред отпочнување на сезоната на патувања, ние последниве два месеца имавме низа работни средби со училиштата, поточно со одговорните за училишните екскурзии, потоа со коморите за туризам, како и со туристичките агенции, сѐ со цел да го намалиме бројот на претставки од страна на потрошувачите и да ги минимизираме проблемите во овој сегмент“, рече директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

Тој нагласи дека од минатогодишните претставки од оваа проблематика, само уште 4-5 се во процес на решавање, додека сите останати се решени во полза на потрошувачите.

„Потрошувачите посебно да обрнат внимание на онлајн купувања, бидејќи нам ни ја отежнуваат работата да реагираме при нанесена повреда на правото на потрошувачот, доколку платат аранжман без договор, без добиена програма на патување и без фискална сметка“, потенцираше Пауновски.

Задолжителна банкарска гаранција за агенциите кои ќе организираат патувања надвор од државата е меѓу новитетите  во законските измени за туристичка дејност, а сѐ уште се дискутира околу нејзината висина, како и унифицирање на општите услови за патувања, преку Правилник, бидејќи досега сите агенции сами ги пишуваа условите, па се случуваше и да се разликуваат.

Праксата вели дека се случува агенција која добила една казна, за да избегне добивање на втора и одземање на лиценцата, да направи промена на правниот субјект и одново да побара лиценца.

За таа цел, Министерството за економија планира воведување на забрана за вршење на дејност, доколку се забележат вакви аномалии кај агенциите, кои би биле регистрирани преку електронски систем, кој се очекува да биде целосно надграден следната година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Голем интерес за граѓанската обврзница: 1.283 граѓани уплатиле 1,4 милјарда денари

Редакција

„Тритерол петрол“ го доби тендерот на струмички „Комуналец“ за набавка на бензини и дизел вреден 278.000 евра

Редакција

Затворени угостителски објекти во Дебар, Кичево и Охрид, работеле по дозволеното време

Редакција