Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за нов мрежен оператор во државава, а на барање на „Оне Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската телеком-компанија „4иГ“ ја регистрираше во државава по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.
„По сопствена иницијатива и врз основа на пристигнатo барање од Друштво за телекомуникациски услуги Оне Македонија телекомуникации ДООЕЛ Скопје број 0805-1103/1 од 16.04.2025 година, Агенцијата за електронски комуникации објавува намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за издавање на ограничен број на одобренија за користење на радиофреквенции со цел да овозможи јавна расправа по објавениот број на одобренија за користење на радиофреквенции,“ се вели во соопштението.
Писмо за искажување интерес треба да се достави до АЕК до 16. мај годинава, а од резултатот на јавната расправа согласно Законот за електронски комуникации ќе се одлучува за идните чекори за објавата на тедерот.
Од АЕК велат дека во однос на регулаторната политика за користењето на радиофреквенции за обезбедување на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги, треба во секое време да обезбедат ефикасна и одржлива конкуренција, што подразбира присуство на пазарот на повеќе од два мрежни оператори на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги.
Поради тоа, како што појаснуваат, одобренијата што се предмет на оваа Намера ќе се издаваат само на нови мрежни оператори, односно писма за искажување интерес од страна на постоечките мрежни оператори (А1 Македонија и Македонски Телеком) нема да бидат земени во предвид.
Агенцијата планира да додели едно одобрение за користење радиофреквенции во опсегот 700 MHz, едно одобрение за користење на радиофреквенции во опсегот 1800 MHz и едно одобрение за користење на радиофреквенции во опсегот 3.x GHz.
Предмет на јавниот тендер се: 2х10 MHz во фреквенциски опсег 694-790 MHz, и тоа 703-713/758-768 MHz, 2×10 MHz во фреквенциски опсег 1.710-1.785/1.805-1.880 MHz, и тоа 1.775-1.785/1.870-1.880 MHz и 100 MHz во фреквенциски опсег 3.400-3.800 MHz, и тоа 3.500-3.600 MHz.
АЕК предлага висината на најнискиот износ на еднократниот надомест да изнесува 4.200.000 евра за одобрението А1 во фрекфенцискиот опсег 700 MHz, 1.500.000 евра за одобрението Б1 за фрекфенцискиот опсег 1.800 MHz, 2.320.000 за одобрението Ц1 за фреквенцискиот опсег 3.400-3.800 MHz.
Рокот на важност на одобренијата за користење на радиофреквенции А1 и С1, ќе биде 12 години, односно до 2037 година, а на одобрението В1 8 години, до 2033 година, поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператори.
Операторот што ќе добие одобрение е должен да ја обезбеди следната покриеност: до крајот на 2026 година најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал, до крајот на 2028 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал и до крајот на 2032 година, секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
Параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги што се обезбедуваат треба да бидат во согласност со „Правилникот за параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги„ кои се остваруваат преку јавна радиокомуникациска мрежа.
Носителот на одобрението мора да започне со користење на доделените радиофреквенции најдоцна во рок од 1 година од датумот на отпочнување на важност на одобрението.
Во областите каде што има слаба или воопшто нема покриеност, доколку носителот на одобрението планира да гради нов сајт ќе мора да ги консултира и останатите оператори за заедничко инвестирање. Исто така операторот ќе мора да обезбеди пристап до пасивна инфраструктура врз основа на разумно барање од други оператори.
Како што стои во објавата од АЕК, сите заинтересирани страни што сакаат да ги користат објавените радиофреквенции и во моментот на објава на јавната расправа за оваа Намера не поседуваат сопствени јавни радиокомуникациски мрежи на територијата на Македонија и не поседуваат одобрение за користење на радиофреквенции наменети за обезбедување на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги во нашата држава, треба да достават писмо за искажување интерес најдоцна до 16.05.2025 година во архивата на Агенцијата на адресата: Агенција за електронски комуникации Кеј Димитар Влахов бр.21 1000 Скопје.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Групацијата 4iG со значителен чекор поблиску да стане мобилен оператор во Северна Македонија
Унгарската групација 4iG основа компанија во Македонија
Фото: Unsplash