Ако нафтената криза потрае, ефектите поинтензивно би се почувствувале во јуни: Анализа на Finance Think за инфлацијата

Иако нафтениот шок веќе е јасно видлив кај цените на горивата и кај транспортните цени, засега нема докази дека се прелеал во поширока, системска инфлација, велат во својата анализа од Finance Think, независниот и непрофитен Институт за економски истражувања и политики.

„Ако годишната стапка од 4.9% се земе како аларм, тој ќе е погрешен бидејќи произлегува од ниската споредбена основа создадена со административното замрзнување на цените во истиот период лани.

Сепак, тековниот месечен раст не е занемарлив и, доколку се задржи, може брзо да се претвори во поширок инфлаторен притисок преку секундарни ефекти, првенствено кај производите од храна, а потоа и врз пошироката потрошувачка кошница.

Заклучно, моменталниот раст на цените претежно ја рефлектира директната изложеност на економијата на нафтениот шок, без јасни знаци на широко прелевање. Но, ваквата стабилност е кревка: ако цените на енергијата останат високи и растечки, ризикот од поширок инфлаторен бран преку транспортните трошоци и очекувањата на економските агенти значително се зголемува.

Затоа, тековните податоци не оправдуваат паника, но ниту дозволуваат комфор – внимателно следење на месечната динамика ќе биде клучно во наредните месеци. Во таа смисла, стриктно таргетирани мерки за ублажување на последиците кај евентуално најпогодени групи граѓани и фирми треба да бидат во подготовка и да може брзо и ефикасно да се операционализираат кога ценовниот шок евентуално би се интензивирал.

Според нашите проценки објавени порано (види ФТ Став бр. 68 за инфлацискиот ефект од енергетскиот шок од 26. март 2026), доколку конфликтот продолжи и/или ескалира, ефектите на поширока основа би почнале да се чувствуваат веќе во април, а позначаен интензитет би добиле од јуни годинава,“ се вели во анализата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Април со цените ќе биде полош од март

На Македонија не и бега зголемена инфлација поради војната на Блискиот Исток

Анализа на Finance Think: Инфлацијата во Македонија ќе се зголеми во сите можни сценарија поради енергетскиот шок

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести