Австралиската фирма Pela Global Limited (Пела глобал лимитед), која работи на проекти за рударство и обновлива енергија низ Југоисточна Европа повторно ќе ископува антимон во рудникот Крстов Дол.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Која е фирмата Pela Global Limited која ќе ископува антимон во Македонија, а ќе го продава во САД
За ископувањето Pela Global Limited склучи и договор за помош со американската владина агенција U.S. International Development Finance Corporation (DFC) од 5 милиони долари.
Основач на фирмата и извршен директор е Ник (Николче) Јовановски, кој по потекло е Македонец, и живее во Австралија.
Антимонот кој ќе се ископува во Македонија ќе се продава во САД и ќе се обработува во топилница која би се градела во американската сојузна држава Оклахома.
Во 60-тите и 70-тите години од минатиот век се копало и преработувало антимон во истиот рудник, кој се наоѓа на околу 20 километри оддалеченост од Крива Паланка.
Рудникот е затворен во 1981 година, заради ниските цени на антимонот на светскиот пазар.
Критична суровина
Антимонот е редок металоид, кој се нарекува и „злато на новото време“, а во последниве години добива сè поголемо значење поради неговата економска, воена и геополитичка важност.
Поради тоа е класифициран како критична суровина од страна на Европската унија, САД и Кина.
Се применува во производството на средства за забавување на пламенот и огноотпорни материјали, оловни батерии, легури и одбранбени технологии. Се користи во воената индустрија за производство на муниција, инфрацрвени ракети, нуклеарно оружје.
Побарувачката за антимон последниве години расте и поради неговата зголемена употреба во енергетиката и електрониката поради експанзијата на фотоволтаичната индустрија. Овој минерал е од витално значење и за транзицијата кон електрични возила.
Цените на антимонот почнаа да растат во 2023 година, откако Кина – најголемиот производител на антимон го ограничи извозот за да ја зајакне националната безбедност.
Во 2024 година цените продолжија да растат и „скокнаа“ за речиси 300%, достигнувајќи историски максимум од 59.750 долари за тон во јули 2025 година.
Ескалацијата на трговската војна меѓу САД и Кина резултираше со забрана од страна на кинеските власти за извоз на антимон во САД.
Кина е најголемиот светски производител на антимон, со околу 60% од глобалното производство. Покрај Кина, значајни производители на антимон се и Таџикистан, Русија, Боливија и Мјанмар.
Ризици за животната средина и за здравјето на луѓето
Нема официјални податоци колку антимон има во Македонија.
Но, се знае дека неговата експлоатација може да биде ризик за животната средина и за здравјето на луѓето.
Повеќе истражувања ширум светот укажуваат дека рудниците на антимон можат да носат висок еколошки ризик – како за природата, така и за здравјето на луѓето.
Ископувањето, а особено несоодветното ракување со ископните отпадоци, кои вообичаено содржат и арсен, може сериозно да ги загадат подземните води и почвата, како и да го нарушат здравјето на луѓето и локалните еко-системи.
Јаловината од поранешната експлоатација на рудникот Крстов Дол, кој не работи 45 години, и понатаму е извор на загадување на површинските води. Главни загадувачи се арсен, антимон и талиум.
Краткорочната изложеност на висока концентрација на овие токсични елементи може да предизвика гадење, повраќање, дијареа, силна абдоминална болка, срцеви аритмии и во екстремни случаи смрт.
Додека последиците од долгорочна изложеност на ова еколошко жариште се рак на кожа, бели дробови или мочен меур, кожни промени (потемнување, задебелување), оштетување на нерви (трнење, слабост), кардиоваскуларни болести или дијабетес тип 2.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
5 милиони евра од САД за ископувањето на реткиот антимон во Македонија














