еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

„Арс Ламина“ објави ексклузивни изданија од Петре М. Андреевски, илустрирани од неговата внука Воскресија Андреевска

Ексклузивни изданија на делата на Петре М. Андреевски, илустрирани од неговата внука Воскресија Андреевска, излегоа од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина –публикации“.

Во рамки на едицијата „Македонски книжевни класици“ се 10 книги со прозни и поетски дела на великанот на македонската книжевност, со цртежи кои за оваа прилика специјално ги изработи неговата внука, која е школувана на Факултетот за ликовни уметности.

Книгите ќе бидат достапни во сите продажни места на „Слободен печат“, а може да се набават и во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.

Деновиве во продажба се најдоа првите две изданија од едицијата: романот „Тунел“ и во едно издание расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“, а ќе следуваат незавршениот и последен роман на Андреевски, „Бежанци“ и збирките песни „Јазли“ (во едно издание) и „Лакримариј“. Во следниот период ќе бидат промовирани и книгите: „Последните селани“, „Скакулци“, „И на небо и на земја“, „Дални наковални“ и „Вечна куќа: тажаленки“.

Во посебна едиција ќе биде објавена и книгата за деца „Шарам барам“.

‒ Реобјавувањето на делата на Петре М. Андреевски секогаш (ќе) претставува празник за македонската книжевност. Овој безвременски писател од третата генерација македонски зборотворци, се чини, го создаде рецептот за укинување на временските отсечки според кои книжевните појави ги квалификуваме како актуелни и анахрони.

Неговата појава во втората половина на дваесеттиот век магнетски го привлече вниманието на проучувачите на националната книжевност и веќе прославени автори, со што ги стави на теориски маки.

Навидум лесно восприемливата поетика се покажа мошне привлечна за многубројни релевантни толкувања, меѓусебно исклучиви, но истовремено и испреплетени. Главно, сите досегашни теории гравитираат околу фолклорните елементи во неговите дела, но секоја од нив користи различен толкувачки клуч во зависност од книжевните интереси на толкувачите.

Но, токму тоа присуство, толку блиско до „народниот“ читач – ознака што не е временски условена, туку напротив, ја победува ограниченоста – е причина за сечија радост на ова поднебје кога повторно ќе се појави негово дело, истакнуваат од издавачката куќа „Арс Ламина“.

Главната причина што го прави посебно ова повторно враќање на Петре М. Андреевски и што им удира печат на ексклузивноста на овие нови изданија е визуелното „читање“ на неговите творби од страна на неговата внука, Воскресија Андреевска.

Нејзиниот образуван уметнички потег има двојна цел: емотивно и естетско возбудување на поетските и прозните атоми од кои е изградена поетиката на Петре М. Андреевски кај неговата најнова генерација почитувачи и следбеници, што ова реобјавување има намера да го поттикне.

‒ Лично и професионално ми претставува огромно задоволство што имав прилика да работам на ваков ангажман, конкретно поради тоа што се работи за книгите на Петре М. Андреевски, кои за мене се од огромно значење бидејќи, освен што станува збор за мојот дедо, станува збор и за мојот омилен македонски писател.

Дадов сѐ од себе да ги прикажам импресиите што ги имаат оставено неговите култни дела врз мене и можам само да се надевам дека и јас, преку овие нови изданија, го споив својот печат со неговиот.

Сите илустрации беа наменски работени за овој проект и нормално, истите беа инспирирани од неговото творештво. За мене беше важно преку моите цртежи да го отсликам и да го оживеам тој посебно богат свет на Петре, за повеќе да го доближам до читателите.

Во визуелниот јазик не постои тешкотија или леснотија при творењето, постои меѓутоа во помислата на тоа дали ќе ја претставиш приказната на авторот онака како што и самиот тој ја опишува со неговите зборови.

Интересно беше што, додека траеше процесот на создавање на повеќето од илустрациите за прозните дела, јас бев во родното село на Петре, селото Слоештица, кое е негов главен, неисцрпен извор на инспирација.

Секој лик во неговите книги е приказна сама по себе која влече корени од тие краишта и за мене тоа го направи креативниот процес позабавен и поинспиративен. Освен што се дружев со неговите ликови од книгите, јас и живеев во тој свет, вели Воскресија Андреевска.

Петре М. Андреевски (25.06.1934, с. Слоештица – 25.09.2006, Скопје) е поет, прозаист, драмски автор, литературен критичар и преведувач, кој со својот многудецениски опус афирмира творештво што го вбројува во најзначајните и најистакнати современи македонски писатели, чии дела – а особено стихозбирката „Дениција“ и романот „Пиреј“ – стануваат општопризнаени дострели на македонската современа книжевност и неодминливо четиво на генерации љубители на литературата.

Првата самостојна збирка песни, „Јазли“, ја објавува во 1960 година, за издавачката куќа „Кочо Рацин“. По неа следуваат збирките: „И на небо и на земја“ (1962), „Дениција“ (1968), „Дални наковални“ (1971), „Пофалби и поплаки“ (1976), „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999).
Првото прозно дело, расказите „Седмиот ден“, го објавува издавачката куќа „Култура“ во 1964 година, а потоа следуваат и: „Неверни години“ (1974, раскази), романите „Пиреј“ (1980), „Скакулци“ (1984), „Небеска Тимјановна“ (1989), збирката раскази „Сите лица на смртта“ (1994), романот „Последните селани“ (1998) и романот „Тунел“ (2003).

Петре М. Андреевски ги пишува и драмите „Богунемили“ (1971), изведена во Драмскиот театар во Скопје, и „Време за пеење“ (1975), изведена во Народниот театар во Битола. Објавува и две книги поезија за деца: „Шарам барам“ (1980) и „Касни порасни“ (1992). Постхумно се објавени неговите раскази „Боемите“ и недовршениот роман „Бежанци“.

Вредноста на неговите дела ја потврдуваат и многубројните награди, како што се: наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, националната награда „11 Октомври“, Рациново признание, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писатели на Македонија и други. Член е на Македонската академија на науките и уметностите.

ПРОМОТИВНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ислам Абази избран за наследник на Вилма Русковска

Редакција

Наместо со девет, Уставен суд остана со пет судии: Заврши мандатот на судијата Јован Јосифовски

Редакција

Џафери, прашан за синот, тврди оти никогаш, никаде и никому не вршел притисок за членови на семејството

Редакција