еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

„Бехтел и Енка“ ќе гради четири автопатски делници од 1,3 милјарди евра во наредните пет години

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ денеска потпиша договор со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за изградба на четири автопатски делници во должина од 110 километри на коридорите 8 и 10д во наредните пет години.

Изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра.

-Патната поврзаност низ регионот и во Северна Македонија се многу важни. „Бехтел и Енка“ имаат голема историја во испорачувањето на проекти, а особено на сложени. Ја преземавме одговорноста да обезбедиме највисок стандард што е мошне сериозно за овој проект, рече Марк Алисон, генерален директор за нискоградба „Бехтел“на потпишувањето на договорот во Владата.

За проектот, „Бехтел и Енка“ се номинирани за стратешки партнер од државата. Надзорот ќе го врши „ИРД инжинеринг“, кој како консултант за финансиски трансакции во име на Владата изминатиот месец ги водеше преговорите со конзорциумот.

Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека со потпишувањето на договорот стартува реализацијата на еден од најголемите инфаструктурни проекти во историјата на државата.

-Проектот е од исклучително значење за подигнување на нивото на квалитетот на патната инфраструктура. Преку делниците од коридорите 8 и 10д, Северна Македонија станува уште позначајна регионална и транспортна рута, рече Ковачевски.

Министерот за транспорт Благој Бочварски, пак, порача дека на државава и се потребни нови квалитетни патишта за развој на економијата, побрз транспорт на стока и услуги и за поквалитетен живот на граѓаните.

-За овој проект во Буџетот веќе се предвидени 244 милиони евра за годинава. Очекувам добро менаџирање на процесите, ни претстојат многу предизвици на терен, но очекувам сите да се вложиме максимално и да ги постигнеме зацртаните цели за модерна и квалитетна инфатсруктура, рече Бочварски, посочувајќи оти очекува наскоро да биде означен стартот на градежните работи на терен.

Со договорот се опфатени автопатските делници на Коридорот 8: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1 километар), Тетово – Гостивар ( над 17 километри) и на делницата Прилеп – Битола (40 километри) од Коридорот 10-д.

Владата вчера го одобри договорот, откако Управниот комитет за овој прокет го усвои Извештајот на ИРД, од преговорите со „Бехтел и Енка“.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 591 случаи на Ковид-19 од 1.683 тестирања

Редакција

Голем интерес кај бизнис-заедницата од земјата и регионот за осмото издание на Самитот „Македонија2025“

Редакција

Прием на годишни сметки и финансиски извештаи во Централен регистар на 27, 28 и 29 февруари и на 16 март

Редакција