Бугарија да се извини за злосторствата врз македонското малцинство и неговата асимилација, бара Европската слободна алијанса

Со едногласно усвоена декларација Европската слободна алијанса (ЕФА), која е составена од европски партии што претставуваат региони, малцинства, народи без држава и движења што бараат поголема самоуправа, културни права и заштита на јазичната и идентитетската различност во Европа, од Бугарија, членка на Европската унија (ЕУ), се бара да се извини за злосторствата врз македонското малцинство за време на комунистичкото владеење и неговата асимилација.

Од таму исто така бараат Бугарија да ги спроведе 14. случаи кои се однесуваат на македонското малцинство кое живее таму, а кои ги изгуби пред пред Европскиот суд за човекови права.

Како што е познато Бугарија не признава македонско малцинство, а пресудите се однесуваат за недвозволувањето на регистрацијата на македонски организации во Бугарија.

Во декларацијата се посочува и дека македонското малцинство во Бугарија се соочува со една од најсериозните кризи на човековите права во рамките на ЕУ.

Во истата стои дека системската репресија и етничкото негирање со кои се соочуваат Македонците во Бугарија се директно продолжение на политиките на денационализација започнати во времето на комунистичкиот режим на Тодор Живков, а се наведува и дека уште во 1963 година политиката на негирање на постоењето на македонско малцинство била централен дел од процесите на присилна асимилација на малцинствата во рамките на концептот за „единствена бугарска социјалистичка нација“.

Од ЕФА наведуваат и дека Македонците во Бугарија и денеска се соочуваат со исклучувачка реторика од современи бугарски политичари, слична на онаа од времето на Живков, според која „Македонците не смеат и не можат да постојат“.

Од таму предупредува дека Бугарија во изминатиот период се обидела да ја избегне меѓународната одговорност, барајќи од Комитетот на министри предвремено да го затвори мониторингот врз група предмети поврзани со повреда на правото на здружување.

Во декларацијата се посочува дека во таков контекст Македонија е ставена во позиција да го брани сопственото постоење под, како што се наведува, синтетичката рамка на „решавање на билатералните односи“.

Според ЕФА, тие односи се водат со сосед кој го негира македонскиот идентитет преку долгогодишната политичка порака: „Македонија во ЕУ – да, но македонизам – не“.

Од ЕФА оценуваат дека со претставувањето на македонскиот идентитет како „идеологија“, Бугарија фактички го условува европскиот пат на Македонија со промена на етничкиот идентитет на еден народ.

Во документот се споменува и неодамнешниот извештај за напредокот на Македонија, во кој според ЕФА, мнозинство во Европскиот парламент гласало за амандмани со кои од извештајот биле отстранети конкретни формулации што имале цел да го признаат, почитуваат и да го заштитат македонскиот идентитет.

ЕФА бара ЕУ строго да ја повика Бугарија на одговорност за нејзините правни обврски како земја членка, особено во делот на човековите и малцинските права. Во декларацијата се наведува дека Бугарија континуирано не ги исполнува овие обврски кога станува збор за македонското малцинство.

Во декларацијата се отвора и прашањето за невклучувањето на македонски претставник во Националниот совет за соработка за етнички и интеграциски прашања во Бугарија.

ЕФА бара од Бугарија да се извини за злосторствата врз македонското малцинство за време на комунистичкото владеење и да го признае страдањето на илјадници Македонци кои биле тепани, присилно раселувани, понижувани, казнувани, затворани и убивани поради изразување на сопствениот етнички идентитет и поради спротивставување на бугарските политики на денационализација.

Членки на ЕФА се и ОМО Илинден-Пирин од Бугарија и Македонската алијанса за европска интеграција од Албанија. 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Две нови блокади од Бугарија: За Акцискиот план за малцинства и за иницијативата “Три мориња“

И ОН реагира оти Бугарија не ги почитува правата на Македонците

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести