Теодора Ампова е 24-годишна девојка од Македонија, која веќе неколку месеци води една од најтешките животни битки – борба со метастатски карцином на ректум, кој се проширил и на белите дробови. Дијагнозата е потврдена со хистопатолошки наод, а во текот на лекувањето се спроведени бројни дијагностички испитувања, хемотерапии и радиотерапија.
„Од поставувањето на дијагнозата, Теодора храбро ги помина сите препорачани третмани во Македонија. Прво беше спроведена прва линија на системска хемотерапија, проследена со палијативна радиотерапија, а потоа и втор циклус на хемотерапија со FOLFIRI и Bevacizumab.
И покрај големата борба, дисциплината и силната волја, контролите покажаа дека болеста продолжува да напредува, особено во белите дробови. По детална анализа на медицинската документација, Medicana Health Group – Ataköy, Истанбул, предводена од проф. д-р Еркан Доган, ја прифати Теодора за понатамошно лекување.
Болницата препорачува нови специјализирани испитувања, молекуларно генетско тестирање, биопсија доколку е потребно и започнување на третолиниски системски третман, кој вклучува таргетирана терапија и орална хемотерапија.
За жал, лекот Lonsurf (Trifluridine/Tipiracil), кој е клучен дел од препорачаниот третман во комбинација со Bevacizumab, не е достапен во Македонија, поради што мора да биде набавен преку Турција. Ова дополнително го отежнува лекувањето и значително ги зголемува трошоците. Знаеме дека ниту една донација не е мала. Секој придонес, секое споделување и секој збор на поддршка носат надеж дека Теодора ќе ја добие шансата која ја заслужува.
Таа има само 24 години. Пред неколку месеци живееше нормален живот, со планови, соништа и иднина пред себе. Денес нејзината единствена цел е да продолжи да се бори и да добие уште една можност за лекување. Од срце ви благодариме што сте дел од оваа борба. Вашата поддршка може да значи продолжување на нечиј живот. Секоја донација и секое споделување се чекор поблиску до нова надеж за Теодора,“ се вели во апелот за помош на ecrowd.mk.
За донации ОВДЕ.














