еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

Денеска почнува „Велешка питијада 2022“: Кои се цените и кој се ќе настапи

Општина Велес по три години пауза, од денеска до недела, повторно ја организира „Велешката питијада“, фестивал на велешка пита пастрмајлија и македонски вина од Велес и целото Повардарие.

Освен пита и вкусни македонски вина ќе има и музика со настап на познати македонски пејачи и групи од народната и забавната музика, и други интересни содржини како изложба на стари коли – олдатјемри во сабота и претставување и сечење на џиновската пита пастрмајлија во недела во 16 часот.

Манифестацијата како и порано се одржува на главната улица „Благој Ѓорев“ во близина на кафитериите и кај култното место „Панини“, а наспроти е поставена и бината за настап на учесниците.

На манифестацијата се пријавени 13 угостители од градот кои договориле и единствена цена од 200 денари на питата пастрмајлија за стандардна големина. Воедно бројните винарии од Велешко и цело Повардарие на посетителите ќе им нудат и квалитетни македонски вина по 50 денари за чаша.

За сите гости од други градови паркинзите  за возила во Велес и во овие денови ќе бидат бесплатни, а градоначалникот Марко Колев апелира до велешани како добри домаќини за помалку сообраќај во градот да не ги возат своите автомобили за време на питијадата.

Сообраќајот како и на поранешните манифестации ќе го регулира сообраќајната полиција од СВР Велес, по точно утврден режим, а за што издаде и соопштение во медиумите.

Во забавниот дел од манифестацијата секој ден од 18 часот ќе настапат познати македонски фолк и поп рок пејачи и групи: во петок Миле Кузмановски,The hounds, ДНК, Нокаут, во сабота од 18 часот детската група од Дајте музика, Наум Петрески и Зуица Лазова, Фолтин и Каролина Гочева. Во недела  5 + бенд, Сузана Спасовска, Академци, Љубојна+Brass Fantasy и Лозано.

Градоначалникот Колев потенцира дека прават напори да го вратат некогашниот сјај на манифестацијата „Велешка питијада“ односно на посетителите да им  понудат вкусни и пресно подготвени пити пастрмајлии и добра забавно-музичка  програма и други интересни содржини, како дополнување на манифестацијата.

Целта е понатаму манифестацијата да придонесе за развој на туризмот и привлекување на  посетители и од други земји, потенцираат организаторите.

МИА/Фото: Фејсбук/Велешка питијада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Снимки од сонцето како што до сега не сме го виделе

Редакција

(ВИДЕО) Од магацин во скопски Бутел полицијата заплени 1.240 килограми марихуана

Редакција

Три медали за каратистите на „Макпетрол” на Балканското првенство во Љубљана

Редакција