Поради техничка неподготвеност, девет држави бараат од ЕУ да ги продолжи привремените итни олеснувања за ЕЕС системот на границите

Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Холандија, Португалија и Швајцарија побараа од Европската комисија да ги продолжи привремените итни олеснувања за новиот систем за влез и излез ЕЕС.

Во писмото до европскиот комесар за внатрешни работи Магнус Брунер, истакнале дека првите месеци од примената на системот покажале „значителни тешкотии“ кои не смеат да се потценат.

Според одердени проценки, техничките потешкотии нема да се решат ниту до септември кога истекува рокот за примена на олеснителните мерки за премин на границите, без примена на ЕЕС.

Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, изјави дека законот веќе содржи одредени флексибилности, вклучувајќи ја и можноста за привремено запирање на прибирањето биометриски податоци за време на летната сезона, и додаде дека Комисијата останува во „близок и конструктивен контакт“ со мал број држави членки кои имаат тешкотии на одделни гранични премини.

Неодамна и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, призна дека новиот систем за контрола на границите на Европската унија се соочува со технички проблеми.

Организациите АЦИ Европа, ИАТА и „Ерлајнс фор Јуроп“ побараа Европската комисија да им овозможи на државите целосно да го суспендираат EEС, барем во текот на јули и август.

„Времето на чекање на граничната контрола значително се зголеми, достигнувајќи и до пет часа во периоди на најголем сообраќај,“ напишаа тие во отвореното писмо до Европска комисија.

Со воведувањето на овој систем најголем проблем имаат туристичките дестинации, за што сведочат и километарските колони на границите со Грција.

Голем број држави, меѓу кои и јужниот сосед, инфраструктурно и технички не беа подготвени за воведување на овој систем.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Фон дер Лајен призна дека земјите-членки, технички неподготвени го дочекаа воведувањето на ЕЕС системот за контроли на границите

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести