До јуни Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ треба да добие нов паметен паркинг

До јуни Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје треба да добие нов паметен паркинг, кој ќе има до 1.500 паркинг-места.

Во истиот се предвидени три монтажни катни гаражи и хоризонтална инфраструктура, која ќе ги поврзува сите клиники.

Со паркингот 15 години ќе стопанисува ЈП Градски паркинг Скопје, со закупнина во висина од 10% од вкупно остварениот промет.

Град Скопје треба да почне со проектирање и изградба на катните гаражи и со инфраструктурно уредување, а цената за паркирањето ќе биде одредена на седница на Советот на Градот.

Ќе има четири начини на плаќање.

– Онколошките пациенти и сега имаат бесплатно паркинг-место. Тоа ќе продолжи да биде така.

Пациентите што се лекуваат тука ќе плаќаат цена што ќе биде достапна за нив и нема да биде комерцијална.

Вработените во Клиничкиот центар ќе имаат цена што е достапна за администрацијата.

На крај, ќе имаме цена што ќе биде комерцијална, како на сите паркинг-места, каде што има комерцијални цени. Тоа ќе биде за граѓаните што се паркираат поради други причини или за да посетат некој близок, хоспитализиран на клиниките, рече министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција.

Се планира да се направи паметен паркинг и со помош на апликација да може да се резервира место од дома. Пациентите ќе можат да го скенираат кодот од резервацијата или од лекарскиот упат на рампата.

Ќе биде имплементиран и таканаречен паметен паркинг-систем со интегрирани сензори на секое паркинг-место за детекција на слободни места, камери со автоматска регистрација на возилата, мобилна апликација за резервации и уплати во реално време, како и поврзување со фискалниот систем и е-управување. 

Предвидено е и урбано и хортикултурно уредување на просторот со зеленило, пешачки патеки и со ЛЕД-осветлување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести