еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Доделени новинарските награди „Никола Младенов“

Тимот новинарки Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска и Маја Јовановска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2022“, за сторијата „Нечиста крв“, емитувана на МТВ1 и на веб-страницата на ИРЛ, информираат од Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Сторијата обелоденува загрижувачки податоци за начинот на којшто се третирале пациентите во една од приватните болници во државата за време на пандемијата со Ковид-19. Новинарскиот производ содржи темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од многу релевантни извори и соговорници. Проблемот е објаснет на разбирлив начин, со придржување до професионалните и етичките новинарски стандарди, и заложба да се иницира институционално разрешување на детектираните неправилности. Сторијата, којашто предизвика лавина реакции во јавноста, е пример за конзистентно и доследно следење на проблематика од висок јавен интерес, со силен новинарски и тимски ангажман.

Новинарката Кристина Атовска ја доби наградата за Најиновативен новинарски производза репортажата од војната во Украина на тема „Како изгледа животот во рововите на првата линија на огнот“, емитувана во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Низ видео репортажа, новинарката го прикажува животот на граѓаните во Украина, вклучително и на деца со попреченост, проблемите со кои тие се соочуваат и поддршката што ја добиваат од хуманитарните организации и индивидуи додека трае војната во оваа земја. Користејќи го само мобилниот телефон, без какви било дополнителни ресурси и можност да известува со поддршка од комплетна новинарска екипа, авторката ѝ овозможи на публиката на автентичен и креативен начин да го слушне гласот на оние што се најдоа на првите борбени линии и гласот на најранливите, обидувајќи се да испрати апел за солидарност и поддршка не само до домашната, туку и до јавноста на глобално ниво.

Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерката Арбнора Мемети за фотографијата „’Врнежи’ од канцерогени материи во Тетово“, објавена на веб-страницата на „Дојче Веле“ на македонски јазик.

Демонстрирајќи исклучителна креативност и естетски израз, фотографијата јасно и прецизно го илустрира проблемот со екстремно загадениот воздух во Тетово за време на минатогодишниот пожар во Тутунскиот комбинат. Доловувајќи ја драматичноста на амбиентот, фотографијата допира до гледачот и упатува јасна порака околу тежината на проблемот и неговите последици.

На годинешниот конкурс пристигнаа 16 стории, обработени во 77 текстови/видео прилози, во категоријата Најдобра истражувачка сторија, 18 теми во категоријата Најиновативен новинарски производ и 27 фотографии во категоријата Најдобра репортерска фотографија.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. Во 2021 година беа воведени уште две посебни категории – најиновативен новинарски производ и најдобра репортерска фотографија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ивица Челиковиќ и Венко Андоновски наградени од Друштвото на писатели на Македонија

Редакција

(Видео) Младиот Марко Пејчиновски преплива 24 км на релацијата Радожда – Трпејца – Градиште

Редакција

(Видео+фото) Младиот Марко Пејчиноски за 9 часа ја исплива релацијата Охрид-Струга-Охрид за децата со ретки болести

Редакција