Клавијатуристот Филип Димишковски беше прогласен за најдобар млад џез-музичар во земјава и му беше врачено признанието Golden Oryx кое го доделува „Катар ервејс“ за достигнувања на полето на културата.
Авиокомпанијата е поддржувач на Скопскиот џез фестивал во чии рамки се одржа и врачувањето на наградата. Ова е втор пат како се доделува признанието, а минатата година отиде во рацете на Виктор Филиповски кој е познат како тапанар на многу џез-состави во земјава.
Комерцијалниот директор на „Катар ервејс“, Алтај Шабан му ја врачи наградата на Филип Димишковски.
– Наша компаниска практика е да мотивираме локални иницијативи и уметници. Се надеваме дека признанието ќе биде мотивација за Димишковски да продолжи храбро да чекори по својот музички пат, а воедно ќе биде поттик за нови, млади музичари и за уште поголем развој на македонската џез сцена – изјави Алтај Шабан кој вчера му ја додели наградата на младиот музичар на настан во кафе-барот „Винил“.
Димишковски на 12 години почнува да учи пијано, а веќе на 18 настапува со реномирaни домашни џез музичари како Тони Китановски, Александар Икономов и други. „Гоце Стефковски септет“, „Некст ту сајленс“, Феми Кути, Сара Мејс, „Конкеринг Лајон“ и „Љубојна“ се само дел од најзначајните бендови и музичари со кои има соработувано.
Во тек на кариерата има свирено повеќе концерти низ Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина како и во други земји на Балканот. Се има појавено на фестивали меѓу кои и Сараево џез фестивал, Скопски џез фестивал, Банско џез фестивал и Д Фестивал. Како изведувач свирел на неколку албуми меѓу кои „Радио Љубојна“ на „Љубојна“, Reflections на „Џоле Грујовски квартет“, „Floating Through Space With Sarah Mace“ и „Re:vision” на „Фин проџект“.
– Навистина ми е драго што ми е доделена оваа награда, како признание за целиот труд што до сега го имам вложено во музиката. Им благодарам на „Катар eрвејс“ и на Скопје џез фестивал за довербата и поддршката. Имам многу музички планови: авторски проекти, албуми, концерти што планирам да ги остварам во наредниов период и искрено се радувам во исчекување на моментот кога мојата музика ќе можам да ви ја презентирам на слушателите – истакна Филип Димишковски.
Скопскиот џез фестивал годинава се одржува од 18 до 21 октомври и ќе настапат светски ѕвезди меѓу кои и некогашниот фронтмен на култниот бенд „Соник јут“, Турстон Мур; данската саксофонистка Мете Расмусен; уникатниот многуброен женски вокален состав „Трондхејм војсис“; специјалното трио на португалската трубачка ѕвезда Сузана Сантош Силва со извонредниот холандски саксофонист, кларинетист и композитор Аб Баарс и со чикашката легенда Хамид Дрејк и многу други.
„Катар ервејс“ истата година кога ја отвори своја канцеларија во земјава стана и еден од главните поддржувачи на Скопскиот џез фестивал, а дополнително им овозможи на македонските патници да летаат на 150 дестинации што се дел од глобалната мрежа на авиокомпанијата преку нејзиниот центар во Доха, на меѓународниот аеродром „Хамад”.