Денеска свечено беше отворена обновената спортска сала “Работнички” во Градскиот парк во Скопје.
Спортскиот терен се простира на површина од 700 метри квадратни метри и е изработен од висококвалитетен буков паркет поставен на еластични летви, од производител сертифициран од Светската кошаркарска федерација (ФИБА), информираа од Општината Центар.
Со ова салата ги исполнува условите за одржување натпревари од Ниво 1 според ФИБА класификацијата.
Објектот располага со четири влеза и излеза, овозможувајќи безбеден и функционален проток на спортисти и публика.
Во приземјето се наоѓаат четири соблекувални за спортисти (по две на северната и јужната страна), две соблекувални за судии, просторија за медицинска интервенција и допинг контрола, како и санитарни јазли за посетители, вклучително и кабина за лица со посебни потреби. Обезбедени се и помошни и технички простории.
Гледалиштето е опремено со трибини со нови седишта и платформа за ТВ-камери, со што се создадени услови за професионални телевизиски преноси. На галеријата е сместен административен простор со 17 канцеларии, сала за состаноци, кујна и два тоалета.
Кошевите, семафорите и софтверскиот систем се во согласност со стандардите за меѓународни натпревари од Ниво 1.
Поставени се современи ЛЕД светилки со прилагодливи режими, што обезбедува оптимални услови за натпревари и ТВ-преноси.
Загревањето на теренот и соблекувалните е преку подно греење поврзано со градската топлификациона мрежа, додека трибините се опремени со систем за греење, ладење и вентилација преку канали и клима-комори.
Административниот дел се загрева и лади со поединечни клима-уреди.
Салата е изградена со термоизолациони фасадни и кровни панели.




Фото: Општина Центар














