Повеќе од 1.000 лалиња и голем број на книги од холандски автори преведени на македонски и албански јазик, денеска беа подарени од холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп преку Министерството за здравство до Институтот за јавно здравје и останатите јавно-здравствени установи во кои се лекуваат пациенти со Ковид-19, по повод Националниот ден на Холандија.
Оваа година, овој ден се одбележува во знак на пожртвуваноста на здравствените работници.
Амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп го предаде подарокот на заменик-министерот за здравство Арменд Арслани, во присуство на министерот за надворешни работи Никола Димитров.
„Денот на Кралот во Хoландија е симбол на сплотеноста, а оваа година нè научи дека само доколку работиме заедно можеме да го надминеме глобалниот предизвик со кој сме соочени.
Здравствените работници се во првите редови на борбата со вирусот и со овој гест сакаме да им оддадеме почит за нивната неуморна посветеност како и да внесеме позитивна енергија во нивната напорна работа,“ изјави Коп.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров рече дека оваа година со оглед на околностите предизвикани од пандемијата, се одлучија да го одбележат на еден креативен начин со најзаслужните, вработените во здравствениот сектор.
„Со овој симболичен гест, освен што се одава признание за работата на здравствените работници, исто така е и знак во духот на досегашната солидарност и поддршка од холандска страна.
За потсетување, Холандија даде поддршка за Северна Македонија и преку набавка на тестови за корона вирусот базирани на нуклеарна технологија кои се развиени од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија и Светската здравствена организација“, потенцираше Димитров.