еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

(Фото) Заедничкиот пикник на „МакеДокс“ со „Синестетика“ го означи почетокот на Студентската програма

Заедничкиот пикник на „МакеДокс“ со „Синестетика“ го означи почетокот на Студентската програма на „МакеДокс 9“. Во амбиентот на Куршумли-ан се случи синергија на естетиката, времето, рачните изработки, автентичната музика, носталгијата.

Имаше базар на нови занаети, изработка на портрети како „од времето“ и настап на модерните чаршиски чалгии „Lorekeeper’s Guild“. Филмската програма беше отворена со „Како се станува папа“ (Полска, 2017, 16 мин.) на Јустина Митник, која одговараше и на прашањата на публиката по проекцијата на својот филм.

Потоа следуваше проекцијата на „Викај ме Тони“ (Полска, 2017, 62 мин.) на Клаудиус Хростовски. Од 18 до 22 август ќе бидат прикажани вкупно 13 студентски филмови.

Веќе е во тек работилницата за изработување на фотографии со „мокар колодиумски процес“, а десетина учесници со специфичен „дрес-код“ ја изучуваат техниката и откриваат мотиви за своите стаклени фотографии. Работилницата се одвива со менторство на Сашо Н. Алушевски, фотограф, и Предраг Узелац, самостоен фотографски соработник и асистент на Академијата за уметности во Нови Сад, Србија.

Првата сесија на разговорите „Под смоквата“ се случи под оревот пред Куршумли-ан. Во разговорите модерирани од Петра Селишкар, селекторка на главната програма на „МакеДокс“, учествуваа авторите Марта Прус, Билјана Тудоров, Борис Митиќ, Алексеј Дмитриев, но присуствуваа и голем број од веќе пристигнатите гости на „МакеДокс“, докуникулците и верната фестивалска публика. На разговорот „Под смоквата“ на 20 август ќе бидат претставени членовите на сите пет фестивалски жирија.

Филмската програма во Куршумли-ан на 19 август, во 21 часот, го носи филмот „Другата страна на сѐ“ (Србија, Франција, Катар, 2017, 103 мин.) на српската режисерка и пријателка на „МакеДокс“ – Мила Турајлиќ. По „Синема Комунисто“ ова е вториот долгометражен документарен филм на Турајлиќ и досега освои повеќе значајни филмски награди.

За жал, од здравствени причини, авторката не успеа да дојде на „МакеДокс“, но тука ќе биде продуцентката Ханка Кастелицова. Првата средба и размена на идеи за филмот „Другата страна на сѐ“ меѓу Турајлиќ и Кастелицова се случи на „МакеДокс“ во 2013 година. Поради отсуството на Турајлиќ се откажува планираниот панел „Револуциите се важни, но поважно е што правите по нив“, што требаше да се случи на 20 август, од 14-16 часот, во Музејот на современата уметност.

Со прикажувањето на филмот „Бетонска ноќ“ и третата сесија разговори со учесниците заврши работилницата „Реалноста режира, ние снимаме филмови“ со Пирјо Хонкасало. Познатата финска режисерка зборуваше за своите искуства со снимањето документарни филмови, за љубопитноста која треба да ја негуваат документаристите, за стекнувањето доверба кај протагонистите, но и за користењето на тишината во нарацијата на филмот.

Бидејќи самата е снимател, а често и монтажер, на своите филмови потенцираше дека едно од најважните прашања во процесот на снимањето е кога да се исклучи камерата, односно како да се препознае дека снимениот кадар се вклопува во приказната.

Од 20 до 22 август на истата локација во Музејот на современата уметност ќе се одржи втората работилница на темата „Режирање реалност“, овојпат со полскиот автор Војцех Старон. Учесниците ќе (на)учат како да разговараат со публиката, користејќи подвижни слики и едноставност. На работилницата ќе бидат прикажани извадоци од неговите филмови „Сибирска лекција“, „Аргентинска лекција“, „Браќа“ и „Дон Жуан“, кои ќе дадат пример за режирање реалност на полски начин. Работилницата се случува со поддршка на Филмската фондација на Краков.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото-вест) Lisca Selection: Почувствувајте го пулсот

Редакција

(Фото) Медена тура: Воодушевени од Атиџе, велосипедисти возеа до нејзиното село Бекирлија

Редакција

НЛБ Банка прва на пазарот овозможува користење на електронски идентитет во соработка со Mastercard

Редакција