еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

(Галерија) Берза на винили: Плочите се вратија на голема врата

На младинскиот арт фестивал Битола Отворен Град, кој започна пред два дена, за прв пат се организираше „Берза на винили“. Пред битолското култно кафуле Јагода, вчера десеттина излагачи им понудија на музичките познавачи и љубители на плочи, во понудата имаше и CD и касети, но доминираа винилите.

„Ја прифативме со радост иницијативата во Битола да се одржи Берза на винили. Плочите се вратија на голема врата, иако за нас како почитувачи на овој носач на звук, никогаш не излегле од мода. Плочите денес стануваат и работа на престиж. И кај повозрасните генерации кои веќе можат да зборуваат за свои богати колекции.

А младата генерација винилите ги сака, па сметавме дека со доаѓањето во Битола ја направивме вистинската работа„, изјави Марко Стојковски, кој е еден од двигателите на вакви настани во поширокиот регион и е дел од мрежата на винил берзи на Балканот.

На вчерашниот настан меѓу посетителите имаше познати колекционери на плочи од Битола, личности кои се во музичките води како артисти и диџеи, пасионирани почитувачи на квалитетна музика кои денешниот настан го искористија и за дружење и размена на размислувања на тема винили.

„За прв пат во Битола може да се купат плочи, изложени организирано на едно место, а тоа да не е онлајн купување. Знаете, има посебен шарм кога плоча се купува „на лице место„, друго е чувството…продавачот е вљубеник во винили и одличен познавач на музика, оттука купувањето не е само обична трансакција, туку е доживување.

Битола има пасионирани колекционери на винили, знам многумина….но, ни недостигаше едно вакво неформално собирање со цел да си ги обновиме колекциите, а и да се дружиме,“ изјави еден од посетителите.

Винилите, по една долга пауза се вратија на убав начин, грамофоните се повторно важен сегмент од домашна хај-фај опрема, а некогаш беа ставени во заборав. Една од причините за ренесанса на винилите се и ваквите настани кои се случуваат во големите градови низ светот.

„Искрено, не знаев што прво да разгледам. Можеа да се купат и нови и стари плочи. Синглови имаше исто. Денес Битола доживеа музичка библиотека на Широк Сокак, што е за почит. Како идеја и како реализација. Првата плоча сум ја купил во 80-те. И во децениите по нив не престанав на купувам плочи, кога сум имал шанса, а тоа биле најчесто патувањата во светот. Оваа слика денес од Битола ми го наполни срцето,“ изјави друг посетител.

Настанот беше и мал час по историја. Имено, имаше и избор на СD и касети за продажба. Фото репортерот Диоген Хаџи Коста Милевски фотографира едно девојче кое зачудено ја прашуваше својата мајка, што е тоа. Мајката објаснуваше како некогаш музика се слушаше на аудио касети.

Цените беа различни и зависеа од изданијата, кај новите изданија имаше и ретки албуми кои веднаш ги препознаа колекционерите…а цените се движеа од 400 денари, па се до 3.000 денари за одредени ретки изданија.

Фестивалот Битола Отворен Град по 21 пат го организира Младинскиот културен центар од Битола, годинава со поддршка на Општина Битола во рамки на Битфест и неколку компании кои застанаа како спонзори на овој настан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: Оздравени 451 од Ковид-19

Редакција

Скопје останува блокирано: Продолжуваат протестите на приватните превозници

Редакција

Политичките лидери кај Пендаровски се договорија дека за Македонија нема друг пат, освен ЕУ

Редакција