еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО

(Галерија) Изложба на фотографии од македонски џез-музичари Џезтетика во Домот на младите во Белград

На 24 ноември во главниот хол од Домот на младите во Белград ќе биде отворена изложбата Џезтетика на Татјана Ранташа, а во организација на здружението Номад-Арт Скопје. Изложбата се состои од 35 црно-бели фотографии од различни генерации македонски музичари, на кои Ранташа работела во изминатите 15 години.

Ќе бидат прикажани фотографии од музичари како Влатко Стефановски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Џоле Максимовски, Георги Шаревски, Кирил Кузманов, Тони Китановски, Гордан Спасовски, Мартин Ѓаконовски, Сашо Поповски, Сетстат, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и други. Во рамките на изложбата свој настап ќе има и Гоце Стевковски Квинтет.

„Фотографијата за мене значи живот, радост, целосно исполнување на нештото кое се случило, запис за визуелно паметење којшто останува да живее како слика, дури и ако не ја погледнам никогаш повторно. Всушност, ако не сум го фотографирала нештото, тоа е како да не се случило. За мене помислата да се биде на концерт, претстава, планина или патување без фотоапарат е како да треба левата рака да ја оставам дома.

Во фотографиите ја внесувам целата моја емоција, енергија, внатрешен дух, начин на гледање. Мојата надеж е е дека барем мал дел од тоа се пренесува и на публиката за која тие се наменети. Изложбата Џезтетика е целосно посветена на посетителите. Тие ќе ја оценат, ќе ја оживеат и ќе ја понесат со себе. Изложбата опфаќа портрети на дел од современите македонски џез-музичари и навистина сакам тие емоции да се пренесат и кај луѓето кои ќе дојдат да ја видат изложбата во Белград“, вели авторката на изложбата Татјана Ранташа.

Татјана Ранташа е реномиран фотограф со 15-годишно искуство зад себе, најмногу на полето на сценската фотографија. Во 2005 година започнува професионално да се занимава со сценска фотографија, како официјален фотограф на куќите Авалон и Литиум рекордс. По нив следат Универзална сала; Десонанц фестивал, Младинскиот културен центар – концерти, МОТ, Cinedays, Пиволенд, а денеска најчесто фотографира за Password production, Конгресен центар „Aлександар Македонски“, како и за Оффест и Скопје џез-фестивал, чијшто е официјален фотограф. Главен фотограф и одговорен уредник е на независниот интернет-магазин за култура www.plagij.at.

Дел од нејзините фотографии можат да се најдат во монографијата „30 години Скопје џез-фестивал“ и во книгите со музички интервјуа „Музика и муабети“ и „Уште музика и муабети“ на новинарот Ненад Георгиевски.

Редовно учествува и е наградувана на домашни и меѓународни изложби. Добитник е на прва награда за фотографија на Деновите на македонската фотографија и носител на престижната награда „Благоја Дрнков“. Самостојно изложувала на фестивалот БОШ, Гевгелија.

За мене организирањето на изложбата на Татјана е можност преку нејзините фотографии да се претстават нашите џез-музичари и џез-култура, познати и непознати, пред публиката во Белград. Домот на младите во Белград е како нашиот МКЦ, односно институција каде што се случувале историски настани од културата. Оваа институција е и организатор на Белградскиот џез-фестивал кој за оваа година е закажан токму кога ќе заврши Џезтетика. И драго ми е што ќе имаме џез-изложба и концерт на Стевковски во средиштето на џез храмот и култура во Белград, вели организаторот Ненад Георгиевски.

Инаку, изложбата Џезтетика беше за првпат поставена во 2018 г. во Кинотека на Македонија во рамките на Филмскиот фестивал Скопје синема сити, каде што заедно со изложбата настапи и Гоце Стевковски со неговиот квинтет, беа прикажани и филмови за џез-музиката. И тогаш изложбата беше поставена од здружението Номад-Арт Скопје, но за изложбата во Белград организаторот и авторката го проширија изборот со фотографии од настапите на македонските музичари од неодамна завршените фестивали Скопскиот џез фестивал и Today It’s All About Jazz. Изложбата во Белград е помогната од Министерството за култура на С. Македонија.

ПРОМОТИВНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Се отвора граничниот премин „Маркова нога“

Редакција

Македонците и понатаму се вакцинираат на Белградскиот саем

Редакција

Во Врање досега со прва доза се вакцинирани 11.540 македонски граѓани и 8.306 со втора

Редакција