Документ на американската тајна служба ЦИА декласифициран во јануари годинава открива дека во 1992 година Грција му понудила финансиска помош за Македонија од 100 милиони долари на тогашниот македонски претседател Киро Глигоров, за промена на името на државата.
Како што стои во документот “и покрај големата економска потреба на Македонија, Глигоров одбил приватна понуда од грчки функционери од 100 милиони долари финансиска помош под услов името да се промени”.
Истиот датира од 6. ноември 1992 година, а Глигоров во документот меѓу друго се опишува како „почитуван државник-ветеран и реформатор”, кој „доследно работи на балансирање на спротивставените сили во неговата република и низ целиот Балкан“ и „мудра стара лисица“.
Глигоров во јануари 1991 година стана првиот претседател на независна Македонија и ја водеше земјата до 1999 година.
Почина на 1. јануари 2012 година.
Фото: ЦИА-ФОИА














