Во најновата анализа на Finance Think, за тоа, колку глобалниот нафтен шок ќе се пренесе во домашната економија, од Институтот за економски истражувања и политики велат дека иако глобалните нафтени шокови се пренесуваат во домашната економија, нивниот ефект врз општото ценовно ниво е релативно умерен.
„Краткорочно, дури и значајно зголемување на цената на нафтата има ограничен ефект врз инфлацијата, додека долгорочниот ефект се материјализира постепено преку трошоците на производството, транспортот и услугите
Притоа, проценетите еластичности укажуваат дека за да се предизвика значително зголемување на општото ценовно ниво – на пример, од големина на инфлациските притисоци во 2022 и 2023 година – би бил потребен исклучително голем и долготраен шок во цената на нафтата.
Со оглед на нашите проценки за долгорочниот пренос, тоа би подразбирало повеќекратно зголемување на цената на нафтата на светските пазари, сценарио кое е економски можно, но релативно малку веројатно, дури и во услови на тектонски геополитички поместувања.
Оттука, иако актуелните настани на Блискиот Исток оправдано создаваат загриженост на глобалните енергетски пазари, нашите резултати сугерираат дека нивниот директен инфлаторен ефект врз македонската економија најверојатно ќе биде умерен, освен ако не дојде до екстремно и долготрајно нарушување на глобалното снабдување со нафта,“ се вели во анализата.
Од Finance Think велат дека во вакви услови, економските политики треба внимателно да го следат развојот на глобалните енергетски пазари и потенцијалниот пренос на ценовните шокови во домашната економија.
„Иако актуелниот нафтен шок најверојатно нема да создаде силен непосреден инфлаторен удар, во случај на екстремно и нагло зголемување на цената на нафтата потребно е Владата да биде подготвена да реагира.
Во таква ситуација, најсоодветен инструмент за ублажување на ценовниот удар би била привремена интервенција преку даночно-акцизната структура на горивата, со цел делумно да се амортизира преносот на глобалниот ценовен шок врз домаќинствата и компаниите.
Ваквата интервенција треба да биде временски ограничена и внимателно дизајнирана, со цел да се зачува фискалната стабилност и да се избегне нарушување на пазарнит,“ се додава во анализата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во моментов не гледаме потреба од прогласување на кризна состојба, рече Мицкоски
Владата може да интервенира по шокот со драстичнот раст на цените на бензините и дизелот
Фото: Unsplash














