еМагазин
Image default
Македонија

Испитан вештак за несреќата кај Ласкарци, судењето продолжува на 7. ноември

Во Основниот кривичен суд Скопје, во врска со автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица и околу 30 беа повредени, денеска беше испитан вештакот Љупчо Постолов, дел од тимот што го изготви сообраќајното супервештачење.

На денешната расправа, адвокатот Љупчо Мицевски, бранител на шестообвинетиот – возачот на автобусот, постави повеќе прашања во врска со исказите на повеќемина сведоци чии што изјави, според него, не кореспондираат со наодите од вештачењето.

Овие прашања судот ги одби од причина што вештите лица посочија дека сите изјави од сведоците ги земале предвид, но материјалните траги за траекторијата на движење на автобусот им биле приоритет.

– Судот ќе ги цени сите искази дадени на главната расправа, сите 36 патници, оштетени, 11 очевидци и на сите законски застапници, потенцираше судијката Диана Груевска Илиевска.

На денешното рочиште беше презентирано и видеото кое вештите лица го направиле како експеримент со цел да ја утврдат траекторијата на движење на автобусот во моментот на несреќата.

Покрај Постолов, во тимот вештаци кои го изготвија сообраќајното супервештачење се и вештаците Јакуп Мамути и Невзат Зеќири. Испитувањето на сообраќајните супервештаци започна во мај годинава.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења, кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

По пристигнувањето на супервештачењето во Кривичен во декември лани, настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвија машинското супервештачење, а во моментов и на вештите лица кои го изготвија сообраќајното супервештачење.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата започна во септември 2019 година и го води судијката Диана Груевска Илиевска. Застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.

МИА/Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Граѓаните на Македонија да не патуваат во Русија, а оние кои имаат можност да ја напуштат, апелираат од МНР

Редакција

„Другарите“ од Царинската управа на избеганиот Груевски прераспределени на други работни места

Редакција

301 нов случај на Ковид-19 од 3.814 тестирања, бројката на активни е 5.539

Редакција