Светот се соочува со една од најголемите и најтешки здравствени кризи од почетокот на 20-тиот век наваму, која се карактеризира со исклучително брз степен на пренос и бара радикални мерки, соопшти Стопанска банка Скопје преку Македонската берза во однос за очекувањата за работа во престојниот период.
„Мерките, како од здравствена така и од економска природа се преземаат во сите земји, што значи дека секоја економија ќе биде погодена, особено поради високиот степен на глобализација. Мерките се однесуваат на ограничувања кај факторите на производство и оттаму предизвикуваат намалена понуда на стоки и услуги, но и намалена побарувачка.
Влошените очекувања на економските субјекти заедно со намалениот доход, ќе доведат до одложување на личната потрошувачка и инвестициите.
Економската активност во РСМ според најновата проекција на НБРСМ се очекува да се намали за 3,5% во 2020 со пад кај сите компоненти на БДП освен кај јавната потрошувачка. Закрепнување се очекува во 2021 со раст од 4,7%.
Намалената побарувачка очекувано е да донесе пониски цени (увозни и домашни) така што инфлацијата е проектирана на околу 0% во 2020 и 1,5% во 2021 година. Се очекува и проширување на дефицитот на тековната сметка до 3,2% од БДП, главно поради намалување на приватните трансфери.
Депозитниот и кредитниот раст се проектирани на 2,3% и 3% соодветно, со постепено забрзување од следната година. Треба да се напомене дека не се исклучува пролонгирана здравствена криза или втор бран, што би довело до подлабока економска криза.
Како и до сега, банката ќе продолжи да ги превзема сите потребни мерки и активности потребни за минимизирање на негативното влијание од кризата и прилагодување кон новонастанатите макроекономски услови“, соопшти банката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Стопанска банка Скопје оствари добивка од 8,8 милиони евра за три месеци
Бојан Стојаноски именуван за член на Управниот одбор на Стопанска банка Скопје
Стопанска банка Скопје лани оствари добивка од 38,5 милиони евра