Одлуката на Основниот кривичен суд Скопје да го одобри барањето на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, бегалецот Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, да оди во куќен, иако од претходно за него имаше одобрено 30 дена затворски притвор, е топ тема во земјава.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Го “уапсија” за да го однесат дома“: Реакции на социјалните мрежи за куќниот притвор за Груби
Освен бројните негативни реакции во јавноста и на социјалните мрежи, за истата денеска на прес-конференција реагираше и министерот за правда Игор Филков.
Тој меѓу друго рече дека одлуката е скандал, а откри и со име и преземе кој ја донел.
Предметен јавен обвинител за случајот е Даниел Коцев, а го спомна и неговиот шеф Анел Фидоски.
Филков јавно го повика Коцев да објасни врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено мислењето за замена на притворот, а Фидоски го праша дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, кој го одобрил барањето на ОЈО Скопје е Марин Станевски.
Филков го повика и него да да објасни кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое цели 14 месеци беше недостапно.
-Кога станува збор за истрага за проневера од над 8 милиони евра, кога постоел ризик од бегство, што и се случи, секоја одлука за поблага мерка мора да биде кристално јасна и правно неоспорлива. Во спротивно се отвора сериозен сомнеж за селективност.
Не може за обичен граѓанин притворот да биде автоматизам, а за поранешни високи функционери да биде исклучок. Не може безбедносни индиции да станат поважни од принципот на еднаквост пред законите, рече меѓу друго Филков, кој подвлече дека ако постои закана, државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамки на притворскиот систем.
-Ако обичен граѓанин може да остане во притвор за далеку помали износи и без претходно бегство, тогаш истите стандарди мора да важат за сите, рече тој и јавно ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, итно да свикаат седница и да утврдат дали има одговорност за овој случај кај судијата и јавниот обвинител.
Тој денеска побарал објаснување и од директорот на Затворот Скопје, преку Управата за извршување на санкции, и бил информиран дека во текот на вчерашниот ден биле обезбедени сите услови за спроведување на мерката притвор во надлежната институција.
-Недозволиво е да се тврди дека не може да се гарантира безбедност на притворено лице и тоа да стане аргумент за поблага мерка. Како министер за правда дополнително ќе побарам да се изврши вонреден надзор во Затворот Скопје, како и во останатите затвори низ Македонија во однос на безбедносната состојба, рече Филков.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Груби од затворски во куќен притвор
Груби во ќелија со Македонец, се чувствувал небезбедно од етнички Албанци, кои биле во Шутка
Фото: Груби/Фејсбук














