Во рамки на новиот циклус „Отворени средби“ на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) со граѓанскиот сектор, до крајот на оваа година планирано е одржување на настани во девет градови низ државата.
Отворените средби ќе бидат реализирани со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а првата ќе се одржи утре (27 јуни 2023) во салата на Советот на Општина Крива Паланка.
Граѓаните и активистите на граѓанските организации кои дејствуваат на територијата на општина Крива Паланка и нејзината околина ќе имаат можност, преку директна комуникација со членови и вработени во КСЗД, да се запознаат со надлежностите и начинот на работа на ова независно институционално тело, задолжено за промоција на еднаквоста, унапредување на човековите права и спречување и заштита од секаков вид дискриминација.
Ваквите средби претставуваат и дополнителна можност за активистите од граѓанските организации кои делуваат во областа на човековите права, како и на институциите на локално ниво, да ја продлабочат соработката со Комисијата во насока на подигнување на јавната свест, поголема мобилизација и заедничко делување во борбата против дискриминацијата.
„Овие средби се одлична можност за Комисијата да оствари директен контакт со граѓаните, организациите и локалните институции, за да може ‘од прва рака’ да се запознае со нивните ставови и мислења.
Истовремено, ваквата директна комуникација ни овозможува на ефикасен начин, преку разгледување конкретни примери од практиката, да ги запознаеме граѓаните со работата, начинот на постапување и надлежностите на КСЗД. Во борбата против дискриминацијата сме вклучени сите, без исклучок и оттаму најважно е да се запознаеме подобро, да се едуцираме и потоа заеднички да делуваме“, истакнуваат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и ги покануваат граѓаните и граѓанските активисти да присуствуваат на отворената средба во Крива Паланка и да имаат заедничка плодна дискусија.
По настанот во Крива Паланка, серијалот „Отворени средби“ ќе продолжи на 6 јули во општина Гостивар и на 13 јули во општина Гевгелија.
Комисијата за спречување и заштита на дискриминација започна со работа во февруари 2021 година, по усвојувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација. Покрај заштитната улога и постапување по претставки од граѓаните, како и по службена должност, Комисијата има и превентивна улога која ја спроведува со едукација и соработка со граѓански организации, државни институции и институции на локално ниво.
„Отворените средби“ се дел од активностите кои членовите на Комисијата ги преземаат заради ефикасна комуникација со граѓаните и за претставување на Комисијата и на нејзините надлежности во јавноста.