Советот на Народната банка, на редовна седница, ја разгледал Годишната информација за плаќањата во Македонија во 2025 година, при што бил констатиран натамошен раст на безготовинските плаќања и засилена употреба на дигиталните канали за извршување платежни трансакции, информираат од таму.
Во 2025 година биле извршени 249 милиони безготовински платежни трансакции, што претставува годишен раст од 7,1%, при вредност од 9.719 милијарди денари и раст од 36,4% на годишна основа.
-Растот е поттикнат од сѐ почестото користење на платежните картички и од континуираното зголемување на електронските кредитни трансфери, што упатува на поширока прифатеност на електронските начини на плаќање.
Советот беше информиран дека бројот на платежни трансакции со платежни картички пораснал за 8,4%, при што нивното учество во вкупните безготовински плаќања достигнало 69,1%.
Раст е забележан и кај плаќањата во е-трговијата и на ПОС-терминалите, што укажува на натамошно јакнење на дигитализацијата и довербата во електронските канали за плаќање. Кај граѓаните, 71,7% од електронските кредитни трансфери биле иницирани преку мобилни уреди.
Во рамките на разгледувањето на состојбите во платежната инфраструктура беше оценето дека продолжува развојот на современите дигитални решенија и бесконтактни плаќања.
На крајот на 2025 година, во земјата имало околу 2 милиона платежни картички, од кои 98,7% овозможуваат бесконтактни плаќања, додека 97,4% од ПОС-терминалите биле подготвени за бесконтактна технологија, велат од таму.
Советот го разгледал и Извештајот за поплаките кон банките и штедилниците во 2025 година, при што било констатирано намалување на бројот на поплаките од физичките лица и натамошно унапредување на системите за заштита на потрошувачите во банкарскиот сектор.
-Во 2025 година, бројот на поплаките доставени до банките и штедилниците се намалил за 4,1% во однос на 2024 година. Во корист на клиентите биле решени 71,5% од поплаките.
Воедно, беше посочено дека Народната банка продолжува со активностите за унапредување на системите за заштита на потрошувачите во банкарскиот сектор, со цел обезбедување поголема информираност, фер практики и ефикасна заштита на правата на потрошувачите, велат од таму.
На седницата бил разгледан и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во првиот квартал од 2026 година.
-Беше посочено дека девизните резерви на крајот на март 2026 година достигнале 5.249 милиони евра, при што растот главно произлегува од нето-приливите за Владата и државните органи, како и од позитивните курсни и ценовни промени. Во услови на зголемена неизвесност на глобалните финансиски пазари, Народната банка продолжува да управува со девизните резерви согласно принципите на сигурност и ликвидност, велат од таму.














