На последната седница на Комисијата за заразни болести била разгледана состојбата со вектор-преносливи заболувања, информираат од Министерството за здравство.
Под засилена опсервација се четири заболувања: маларија, денга, зика и западно-нилска треска.
По две години без регистриран случај на маларија, годинава се потврдени четири случаи кај туристи кои престојувале во Занзибар и на Малдиви. Регистрирани се и три случаи на денга и еден случај на зика, сите поврзани со престој на Малдивите.
Станува збор за возрасни пациенти со коморбидитети.
Министерството апелира граѓаните кои патуваат во тропски земји доследно да ги следат препораките на Светската здравствена организација во однос на потребната вакцинација и профилакса.
-До матичните лекари ќе биде упатена препорака при прегледите задолжително да ги земат предвид податоците за неодамнешни патувања во тропски земји, со цел навремено препознавање, дијагностицирање и третман, велат од таму.
Во однос на западно-нилската треска, досега се евидентирани осум случаи, од кои два во текот на јуни. Станува збор за повозрасни пациенти со придружни заболувања.
-Во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат се дадени насоки за контрола на спроведувањето и опфатот на дезинсекцијата во општините, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нови случаи на Западно-нилската треска во Македонија
Како да препознаете симптоми на Западно-нилска треска по каснување од комарец
Фото: МЗ














