(Фото) На само неколку метри од „Пулс“ осветен крст, спомен-обележје на загинатите во пожарот во Кочани

По повод Петровден, празникот на Кочани, денеска беше осветен челичниот крст, поставен на западниот влез во Кочани, само на неколку метри од опожарениот објект „Пулс“.

Крстот висок 17 метри и широк 12 метри, го освети митрополитот Брегалнички г. Иларион со црковнослужителите од храмот „Св. вмч. Георгиј“ од Кочани.

Во присуство на градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, родители на настраданите деца во трагедијата од 16 март 2025 година и верници беше истакнато дека крстот има двојно значење.

– Го осветуваме крстот којшто е издигнат овде и којшто ќе сведочи како победа на смртта. Крстот е силно оружје и победа над злото. Но исто така е победа над непријателите, началствата, лукавствата и властите. Крстот е поткрепа, крстот е сила, крстот е утеха. Овој крст ќе нѐ потсетува и на болката и трагедијата што се случи овде во нашиот град. На повредените нека им подари здравје, сила и поткрепа да закрепнат и дај Боже постојано да останеме во заедница, во љубов со Бога, со силата на крстот со којшто е победена смртта, да ги победуваме сите искушенија и страданија во овој свет – истакна владиката Иларион.

Крстот е изграден со поддршка од Брегалничката епархија, општествено одговорни компании и Општина Кочани, која обезбеди проектна документација, одобрение за градба, односно решение за поставување спомен-обележје.

Фото/Општина Кочани

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести