еМагазин
Image default
Спорт

Национален сојуз за планинско спасување ја доби највисоката А категорија за членство во ICAR

Меѓународната комисија за алпско спасување ICAR (International Commission for Alpine Rescue), на Генералното собрание, одржано на 21. октомври оваа година во Тоблах, Јужен Тирол, едногласно ја донесе одлуката за трансформација на членството на Национален сојуз за планинско спасување (НСПС), од досегашната „Б2“, во највисоката „А“ категорија, информираат од Сојузот.

„На тој начин, формално се заокружува еден долг, историски и макотрпен период, низ кој минаа македонските алпинисти во изминатите 30-на години, обидувајќи се во државата да воведат уште еден висок, меѓународен стандард, кој овој пат се однесува на една од најблагородните дејности, а тоа е спасувањето човечки животи.

Горди сме на сите постигнати резултати, но и свесни дека ова не претстваува своевиден „Врв“ на нашата работа, туку напротив, истото го доживуваме како почеток на патот за целосна имплементација на европските вредности во една единствена и ефикасна национална планинска спасителна служба, која ќе влева чувство на сигурност и ќе претставува гордост за нашите граѓани,“ велат од НСПС.

Од таму потсетуваат на краткиот историјат и потсетуваат дека Македонската алпинистичка заедница минуваше низ многу неизвесности, препреки, логични и нелогични потешкотии, но определбата за строго придржување до највисоките светски стандарди и единствената функционална меѓународна пракса, денес резултира со оваа потврда за нивно целосно исполнување.

„Првите пионерски чекори за исполнување на стандардите и препораките на ICAR, ги направи „Здружението за заштита и спасување на планина и непристапни терени АСКЛЕПИЈ“ од Скопје, кое во 2015 година ги реализира неопходните проценки од страна на стручните тимови на ICAR и во 2016 година на Генералното собрание кое се одржа во Банско, Република Бугарија, стана првиот наш претставник во семејството на ICAR.

На 19.10.2020 година, во Охрид, на иницијатива од Здружението АСКЛЕПИЈ и Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, како најактивни организации во развојот на планинското спаување во државата и во присуство на уште четири алпинистички и еден планинарски клуб, чии членови често се дел од спасувачките операции во различни краеви од државата, беше формиран Националниот сојуз за планинско спасување.

Целта на Сојузот е воведување на унифицирани национални стандарди за обука и делување на спасувачките тимови, кои се базираат на препораките од ICAR, како и воспоставување на ефикасна Планинска спасителна служба на територијата од целата држава.

Во април 2022 година колегите од АСКЛЕПИЈ, предложија пренесување на членството во ICAR, од АСКЛЕПИЈ на НСПС како единствена национална организација, што беше и главна тема на разговор со претседателот на комисијата за терестријално спасување при ICAR, Гебхард Барбиш, кој во таа прилика не посети во Охрид и овој предлог го пренесе до бордот на ICAR.

За време на годишната конференција во октомври 2022, која се одржа во Монтро, Швајцарија, делегацијата од НСПС го презентираше својот организациски концепт пред бордот и проценителите на ICAR, кои се согласија со предлогот за пренесување на членството од АСКЛЕПИЈ на НСПС и предложија Сојузот како национална организација, да ги подготви неопходните документи и да достави апликација за промена на категоријата на членството, од дотогашната „Б2“ во највисоката „А“ категорија на членство.

Апликацијата беше подготвена и испратена на крајот од мај 2023 година, а на Генералното собрание во Тоблах, истата беше едногласно прифатена од страна на делегатите.

На тој начин, заокруживме еден многу значаен процес, за меѓународна верификација и афирмација на се она што беше сработено во изминатите триесетина години,“ додаваат од НСПС.

Фото: Фејсбук/НСПС

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Актуелниот претседател на РФМ, Живко Мукаетов има поддршка за втор мандат

Редакција

Каратистите на „Макпетрол“ освоија шест медали на Балканскиот шампионат

Редакција

Каратистите на „Макпетрол“ освоија три медали на „Гран при Кроација“

Редакција