еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Наградите на фестивалот „МакеДокс“ ќе бидат доделени утревечер во Куршумли Ан

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ секоја година доделува награди во пет категории, и тоа „Кромид“ за најдобар филм од Главната програма, „Млад кромид“ за филм од програмата „Нови автори“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец, „Кокарче“ за најдобриот студентски филм и Награда за најдобри етички идеи.

Во петте комисии за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет, а наградите ќе бидат објавени и доделени на последната фестивалска вечер на 24 август во прекрасниот амбиент на Куршумли-ан.

Комисијата за доделување на наградата „Кромид“ за најдобар филм во Главната програма е во состав: Наталија Либет, филмска продуцентка и сосопственичка на киевската продукциска компанија „2Брејв Продакшнс“ (2Brave Productions) водена од жени; Родолфо Кастиљо – Моралес, мексикански режисер, програматор и куратор, специјализиран за современа документаристичка кинематографија; и Јелена Максимовиќ, дипломирана филмска монтажа на Факултетот за драмски уметности во Белград, а од 2015 година предава на Катедрата за дигитални уметности при Факултетот за медиуми и комуникации во Белград, Србија.

Во комисијата за наградата „Млад кромид“ се Лорен Кларк, која креира филмски програми, а истовремено е кураторка и истражувачка сместена во Глазгов, Шкотска; Владимир Гојун, хрватски филмски монтажер кој дипломирал на Академијата за драмски уметности во Загреб, каде што денес работи како вонреден професор; и Рок Бичек, словенечки режисер и продуцент, кој во 2011 година ја основал независната продукциска компанија „Цвингер филм“ (Cvinger Film) со седиште во Љубљана и филијала во Виена, Австрија.

Комисијата за доделување на наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец е во состав: Марина Костова, наградувана новинарка и една од најактивните филмски критичарки во Македонија, како и основачка членка и заменичка главна уредничка на дигиталната редакција СДК.мк (www.sdk.mk), а во моментов е претседателка на Македонската секција на Интернационалната федерација на филмски критичари – Фипресци (FIPRESCI), додека самата учествувала во жирија на критичари на Фипресци на бројни фестивали низ светот; Барбара Орлич-Шчипула, организаторка на филмски настани, специјалистка за филмска промоција, универзитетска предавачка, како и претседателка на Управниот одбор на „Краковската филмска фондација“, непрофитна организација чија основна цел е широка промоција на филмската уметност и поддршка на филмаџиите и продуцентите од Полска; и Драган Вон Петровиќ, монтажер и режисер на документарни и играни филмови, кој е чест гостин-предавач, модератор на панел-дискусии и советник за монтажа за документарни и долгометражни играни филмови на повеќе фестивали, а во 2021 година ја освоил наградата за најдобар монтажер доделена од Здружението на монтажери на Србија.

За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм одлучува комисијата во состав: Марко Грба Синг, уметнички директор на Меѓународниот документарен филмски фестивал „БелДокс“ во Белград од 2018 година; Стефани Фухс, која е дел од продажниот тим на „Аутлук филмсејлс“ од 2014 година, дава експертиза како советничка за филмската индустрија и како панелистка, а била дел и од неколку жирија на интернационални филмски фестивали; и Витеслав Чованец, кој дипломирал Филмска и аудио-визуелна култура на Универзитетот „Масарик“ во Брно, а од септември 2017 година е дел од тимот на Чешкиот филмски центар при Чешкиот филмски фонд, каде што е одговорен за промоција на чешки документарни и кратки филмови во странство.

Во комисијата за наградата за филм со најдобри етички идеи се Андреас Јунсен, режисер и самоук филмаџија кој од 2003 година со голем успех самиот ги режира, продуцира и финансира своите филмови; Серџо Трефо од Бразил, кој магистрирал филозофија на Сорбона и почнал да работи во Лисабон како новинар, а потоа и како продуцент и филмски режисер; и Васко Маглешов, македонски новинар кој веќе петнаесет години работи во повеќе телевизии и онлајн медиуми, од 2016 година објавува филмски рецензии и интервјуа со режисери, актери и филмски работници за специјализираното филмско списание „Филм плус“ и во неделникот „Филмски печат“, а моментално работи како новинар во Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН).

На статуетките кои ќе им бидат врачени на наградените автори се аплицирани различни форми на кромид, кој со својата слоевитост е симбол на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Патувајте безгрижно со патна асистенција од Винер осигурување

Редакција

(Видео) Првиот автомобил од инстант лозот 7х7 го доделивме во Прилеп

Редакција

Музејот на современата уметност блесна во сина боја, како дел од „Светскиот ден на детето“

Редакција