Поранешниот судија од Врховниот суд, Наќе Георгиев, откако му беше намалена затворската казна од три на две години и два месеци, повторно е во фокусот на јавноста.
Истатата првично за два месеци ја намалил Основниот кривичен суд Скопје, а потоа и Апелацискиот суд Скопје.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Поранешниот судија Наќе Георгиев, кој се гонеше за мито, предвреме ќе излезе од затвор
Како што е познато тој заврши во затвор откако прими мито од 15 илјади евра од синот на поранешниот градоначалник на Општина Ново Село, Боро Стојчев, а со Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се спогоди за казна затвор од три години, забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во траење од три години и да ги врати парите.
Во жалбата за намалување на затворската казна Георгиев навел дека се однесувал примерно во затвор, ги почитувал правилата, дека имал 63 години и нарушена здравствена состојба.
За истиот случај со Обвинителството се спогоди и поранешниот народен правобранител Иџет Мемети.
Тие беа осомничени дека лажно ветувале дека ќе влијаат и ќе му овозможат олеснување на Стојчев во предметот за шверц со марихуана.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Каков имот пријавил поранешниот судија Георгиев, кој предвреме ќе излезе од затвор
Кој е Наќе Георгиев
Роден е во јуни 1963 година во Струмица, стои во неговата официјална биографија.
Дипломирал на Правниот факултет во Битола во 1987 година.
Правосуден испит положил во 1990 година.
Работно искуство
Во 1987 година работел во ЈЗО Природно лекувалиште и медицинска рехабилитација Бања Банско – Банско.
За судија во Основен суд Струмица е избран на во 1997 година, а во 2004 година е избран за судија на Апелациониот суд во Штип.
Работел во граѓанска област.
Во 2017 година е избран за претседател на Апелациониот суд Штип.
Со одлука на Судскиот совет од февруари 2020 година е избран за судија во Врховниот суд.
Работел во Одделот за граѓански дела, Одделот за судење во разумен рок и Специјализиран совет.
Излезе од Судскиот совет за да син му стане судија
Георгиев откако беше избран за член на Судскиот совет, наместо да положи заклетва, поднесе оставка за да неговиот син Кирил Георгиев стане судија во Основниот суд Скопје.
Кога беше избран за член на Судскиот совет доби само шест гласа (вклучувајќи го и неговиот) како единствен кандидат од општата листа на кандидати од Врховниот суд. Гласаа 13 од 16 запишани избирачи, седум ливчиња биле неважечки и три неупотребени.
Постапка за одговорност додека беше претседател на Апелацискиот суд во Штип
Георгиев, беше во фокусот на јавноста и поради тоа што против него се водеше постапка за утврдување одговорност во периодот додека бил претседател на Апелацискиот суд во Штип.
Откако беше соопштено дека е кандидат за член на Судскиот совет, на затворен дел од седница на Советот беше одлучено да се запре постапката против него, откако неговиот предметот беше држен во фиока неколку месеци.
За истиот случај претходно беа разрешени тројца судии.














