Околу 100 до 150 бугарски државјани се очекува да пристигнат во Скопје на одбележување на раѓањето на Гоце Делчев, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев.
Како што јави БТА, тој очекува дека ќе бидат исполнат ветувањата на властите во земјава дека без никакви проблеми ќе бидат пуштени бугарските државјани, кои сакаат да дојдат во Скопје.
Во бугарската делегација, која ќе положи цвеќе на гробот на Делчев денеска на одбележувањерто во црквата „Свети Спас“ се и министерот за здравство на Бугарија, Асен Меџидиев и заменик-министерот за внатрешни работи, Венцислав Катинов.
– Има податоци дека се запрени бугарски граѓани, не знам колку се точно. На крајот на денот ќе имам информација и колку се оправдани мотивите за тоа, изјави Демерџиев.
Тој додаде дека има листа со бугарски државјани, на кои нема да им биде дозволен влез, но како што посочи таа листа не е голема.
– Целосна информација во однос на пропуштањето на бугарските државјани на границата и во каков степен тоа одговара на преземените ангажмани од страна на властите во Македонија ќе има кон крајот на денот, рече Демерџиев.
Тој планира да ги почека оние Бугари, кои сакаат да положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев, за да можат заедно со нив да ја одбележи годишнината од раѓањето на Делчев.
– Гоце Делчев е личност, која и припаѓа на историјата и не може почитта кон таква личност да се изразува со насилство. Почитта се изразува со уважување. Насилството ги урива мостовите и ако сакаме да бидеме дел од Европа, треба да градиме, а не да уриваме, нагласи Демерџиев и ги повика политичарите да не подлежат на никакви провокации.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Падна системот за контрола на граничните премини
МИА/Фото: Кабинет на претседателот