Има голем интерес кај граѓаните за користење на мерката за финансиска поддршка за покривање на дел од сметките за електрична енергија за домаќинствата со ниски примања. Бројот на пристигнати барања во архивата на Министерството за економија, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 6.500, а согласно предвидените буџетски средства за оваа намена која изнесува 60.000 денари, со финансиска поддршка можат да се стекнат околу 7.000 домаќинства, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој рече дека очекува денеска и утре до архивата на Министерството за економија да пристигнат уште околу 200 барања од барателите, кои заклучно со вчерашниот ден, преку пошта ги испратиле своите апликации.
Бектеши заклучи дека мерката, најавена со кризната состојба со електричната енергија, е успешна реализирана.
– За спроведување на активностите за финансиска поддршка на лица со ниски примања, во рамките на Министерството, формирани се пет комисии, кои активно ќе работат до крајот на февруари и ќе биде изготвена финалната листа на баратели кои ќе се стекнат со финансиска поддршка од оваа мерка, рече Бектеши.
Тој истакна дека финансиска поддршка ќе добијат лица со најниски примања во домаќинство во 2021 година, во соодветната категорија, која беше во склоп на Јавниот повик.
– Дополнително, на ова би сакал уште еднаш да го кажам тоа што како Влада и како Министерство за економија заедно со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) го изготвивме кон крајот на претходната година се со цел да важи за целата 2022 година.
Согласно новиот буџет, над 36 илјади домаќинства во Северна Македонија ќе добијат по илјада денари за да ги покриваат сметките за енергенси и тоа се дополнува со шест месеци откако почна пандемијата.
Оваа мерка ја добиваат сите приматели на гарантирана државна помош и дополнително на 9.500 пензионери со ниски приходи и ако се додадат уште седум илјади домаќинства со ниски приходи, значи над 55 илјади домаќинства во нашата држава во текот на 2022 година ќе добијат директна помош за покривање на дел од фактурите за електрична енергија или за енергенси во нашата држава, рече Бектеши.
Тој истакна дека со ова Владата покажува дека се грижи за најранливите категории на граѓани.
Комисиите, до крајот на февруари, ќе ги разгледаат сите барања поднесени од граѓаните.
– И секако, и за јануари и февруари, иако решенијата ќе се донесат на почетокот на март, ќе бидат покриени фактурите за електрична енергија во износ од 600 и 800 денари кои се даваат од страна на Министерството за економија, рече Бектеши.
За можноста да се одложи плаќањето на сметките за струја, министерот рече дека тие договори се билатерални кои ги прават потрошувачите со ЕВН или пак со други трговци со електрична енергија.
– Најважно е дека ние направивме големи напори за сметките посебно за домаќинствата и малите потрошувачи да не бидат поголеми од 9,5 отсто и секако реализираме вакви мерки преку МТСП и преку Министерството за економија за да им олесниме на тие граѓани кои имаат ниски приходи додека трае кризната состојба, рече Бектеши, кој потенцира дека иако кризната состојба со одлука на Собранието ќе трае до јуни, Владата испланирала средства за целата година, со кои ќе бидат помогнати околу 55 илјади домаќинства со ниски приходи.
Тој посочи дека Владата вбризга шест милиони евра во ЕСМ за да управува со дистрибутивната мрежа, со снабдувањето и производство на топлинска енергија и нема дополнително барање од страна на ЕСМ.
Министерот, повикувајќи се на информациите кои Владата ги добива од ЕСМ, рече дека многу малку се увезува електрична енергија и ги демантираше изјавите дека државата увезува струја од Србија.
– Ние сме поврзани со Хупекс берзата и никогаш не сме увезувале од Србија, а да не зборувам за цени од 450 евра и слично. Треба да направиме споредба дека токму Србија има два до три пати поголеми производствени капацитети од нашата држава, а цената за домаќинствата и за малите потрошувачи речиси ја имаме истата и ако земеме предвид колку сме увезле ние во текот на кризната состојба и колку произвеле другите држави таму ќе видиме дека нашата држава повеќе произведува од домашните капацитети.
Не само од капацитетите што се во сопственост на ЕСМ, туку и преку одлука на Министерството за економија сме ги ставиле во функција и капацитетите на приватните компании како што е ТЕ-ТО се со цел да работи со пониски цени од берзанските цени. Ако берзанските цени се 240 евра ТЕ-ТО продава електрична енергија за потребите на ЕСМ со минус 15 евра, вели Бектеши.
Тој информира дека цената на ТЕ-ТО за јануари била 170 евра, а за февруари ќе биде 190 евра.
– Лесно може да се направи калкулација дека ние моментално штедиме над 50 евра по мегават откога сме ги ставиле приватните капацитети во наша функција, вели Бектеши.
Министерот за економија извести дека веќе се одобрени уште дополнителни 50 милиони евра од Владата за ЕСМ да може да произведува поголеми количини на електрична енергија.
Прашан за замрзнувањето на цените на одредени производи, министерот посочи дека се разгледува можноста мерката за замрзнување на цените за основните производи да биде продолжена и да нема ценовни шокови во делот на прехранбените производи.
– Една од опциите е да се стават маржи во делот на увозот на прехранбени производи и во делот на трговија со мало и со големо за да нема само замрзнување, рече Бектеши.
МИА