„Џонсон и Џонсон“ потврдија дека ќе продолжат да ја дистрибуираат својата вакцина против Ковид-19 во Европа и оти ќе ја исполни обврската за испорака на 200 милиони дози во Европа и 100 милиони во САД.
Одлуката уследи откако Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера објави дека е пронајдена можна поврзаност помеѓу вакцината на „Џонсон и Џонсон“ и ретките случаите на згрутчување на крвта, но бенефитот од вакцинирањето останува поголем од ризиците.
ЕМА препорача во упаството за употреба на вакцината на „Џонсон и Џонсон“ да има предупредување дека вакцината може да предизвика згрутчување на крвта.
„Џонсон и Џонсон“ објави дека на пакувањето на вакцината против Ковид-19 ќе има предупредување за ретки несакани ефекти, како и упатство како да се препознае и да се лекуваат.
Компанијата наведе дека ќе почне со дистрибуција на вакцините во Европска унија, во Норвешка и во Исланд, како и дека повторно ќе почне со клиничко испитување на вакцината.
Во САД се очекува в петок здравствените власти да дадат препорака за повторна употреба на вакцината на „Џонсон и Џонсон“, откако вакцината беше привремено суспендирана по појавата на тромбови кај шест жени и еден смртен случај.
МИА/Фото: Photo by Ivan Diaz on Unsplash