Во периодот од 2020 до 2024, општините акумулирале речиси 3 милијарди денари ненаплатени побарувања по основ на даноци, такси и надоместоци, како резултат на слабости во правната рамка, застарени методологии, нецелосни регистри, недоволни административни капацитети кои не обезбедуваат ефикасно фискално управување на локално ниво, се вели меѓудругото во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија на тема „Ефикасноста на мерките и политиките за администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци“.
„Опкружувањето во кое единиците на локалната самоуправа ги остваруваат своите надлежности за администрирање на даноци, такси и надоместоци не овозможува ефикасно утврдување и наплата на сопствените приходи.
Постојната правна рамка не предвидува ажурирање на регистарот на недвижен имот по службена должност, роковите за плаќање на даночните решенија не се прецизно дефинирани, не е регулиран начин на нивна достава, а постојат и ограничувања во спроведување на ревизија на пазарната вредност.
Методологијата за пресметка на вредноста на објектите е застарена и не ги опфаќа новите видови на објекти и материјали, се применуваат цени кои не се ажурирани со години кои не ја рефлектираат реалната пазарна вредност, што резултира со потценување на даночната основа и намалени приходи за општините.
Имајќи во предвид дека само 15 општини имаат спроведено ревизија на пазарната вредност укажува на нееднаква примена на прописите во системот на оданочување на имот,“ се вели во извештајот.
Во него се додава дека во услови кога тарифите за комунални такси не се ажурирани, нивното утврдување и наплата често се врши без издадени решенија и без воспоставен регистар на обврзници, и дека не е обезбедена добра основа за целосна и ефикасна наплата на овие приходи.
„Дополнително, некоординираноста на надлежните институциите вклучени во процесот го намалуваат создавањето на поволно институционално опкружување во кое општините треба ги остваруваат своите надлежности и да обезбедат стабилни сопствени приходи.
Ресурсите со кои општините располагаат во процесот на администрирање на даноци, такси и надоместоци, односно различните софтверски решенија, не пополнетоста на работните места во даночните единици, малиот број на проценители вработени во општините не обезбедуваат правилно, целосно и навремено администрирање на даноците, таксите и надоместоците.
Исто така, не целосните регистри на недвижен имот, не воспоставените регистри за подвижен имот и комунални такси, регистри во хартиена форма за надоместоците, како и неповрзаноста на системите го отежнува администрирањето и наплатата и го оневозможува реалното следење на обврзниците и нивните обврски.
Општините не ги користат во целост расположливите фискални капацитети за прибирање на даноци, такси и надоместоци (навремена наплата, камата за задоцнето плаќање и спроведување на присилна наплата), поради што генерирале 2.934.384 илјади денари (47.761.274 евра) ненаплатени побарувања по основ на даноци, такси и надоместоци во периодот 2020 – 2024 година, а извршиле отпис на 233.895 илјади денари (3.803.170 евра).
Од вкупно ненаплатените побарувања по основ на данок на имот, 67% или 1.163.814 илјади денари се постари од 5 години, што укажува на слабиот фискален напор на општините,“ се додава во извештајот.














