Претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, за формулацијата „погрешно толкување на историјата“ што на барање на Бугарија требаше да биде вметната во заклучоците за проширувањето на ЕУ, а кои денеска не беа усвоени од Советот на ЕУ, вели дека тоа е формулација што ги деградира вредностите на Унијата.
-Формулацијата „погрешно толкување на историјата“ е несреќна формулација во обидот да се реши проблемот, пред се да се решат историските недоразбирања меѓу Македонија и Бугарија, во смисла што е нејасно кој ќе цени што е погрешно и што е правилно толкување на историјата.
Тоа е формулација што на некој начин ги деградира и вредностите на Европската Унија, вели Ѓоргиев за емисијата „Трилинг“ на ТВ24.
Според него, вредностите на автономија на науката, вредностите на слободна мисла во ЕУ сега се доведуваат во прашање со тоа историчарите да внимаваат како ќе толкуваат некои процеси од минатото, со цел да не навредат или да не налутат одредени други свои колеги, и тоа, вели, го деградира правото на самите историчари да го кажат своето мислење за одредени настани од минатото.
Ѓоргиев рече дека не е преголем оптимист набрзо да се направи пробив во разговорите меѓу двете земји.
-Не сум премногу убеден врз база на она што го слушаме во изјавите на бугарските политичари. Од тој аспект, сметам дека многу тешко ќе се направи пробив во овој момент за започнување преговори, можеби во догледна иднина да, но во овој момент не сум преголем оптимист, оценува тој.
Во врска со синтагмата „заедничка историја“, појаснува дека проблемот не е терминот „заедничка историја“, туку неговото толкување во работата на Комисијата.
-Проблем е всушност толкувањето на синтагмата „заедничка историја“ во работата на Комисијата. Во неколку наврати кажавме дека според бугарската страна под таа синтагма се подразбира историја на еден народ, односно на бугарскиот народ, започнувајќи од 9-ти век кога за првпат територијата на Македонија влегува во рамките на бугарското царство, па се до 1944 година и дека тоа е континуиран историски развој само на еден народ, односно на бугарскиот народ, истакнува Ѓоргиев.
Според него, синтагмата „заедничка историја“ е концепт кој е прифатен во современата историографија со цел да се објаснат одредени процеси, појави, контакти меѓу различни заедници, меѓу нации и народи.
Меѓутоа, вели Ѓоргиев, не и да се гледа еднострано на тој концепт во кој само ќе се фаворизира мислењето на еден историски наратив.
Во врска со придавката „македонски“, посочува дека тоа е уште еден момент што непотребно ја обременил работата на Комисијата.
-Според мене, внесувањето на проблемот со придавката македонски на извесен начин е и политизирање на работата на Комисијата, оценува Ѓоргиев.
Истакнува дека до седмата средба, членовите на Комисијата немале проблем со употребата на придавката македонски.
-Во записникот од седмата средба, бугарските колеги почнаа да инсистираат за редуцирана употреба на придавката македонски. И апсолутно таму каде што станува збор за ентитети кои потекнуваат од современата македонска држава да се користи Република Северна Македонија. На пример, не македонска комисија, туку комисија на Република Северна Македонија, рече тој.
Оценува и дека последните месеци и настани покажаа дека за жал политиката може да влијае и влијае врз работата на Комисијата. Не, како што вели, директно политиката, колку општественото мислење кое се создава со политички изјави во контекст на работата на Комисијата.
-Во општествата овде и во Бугарија се создаваат тензии и ситуации во кои неминовно е вклучена работата на Комисијата и поединечно одредени членови се етикетираат или се даваат мислења за нив, и сето тоа неминовно влијае врз работата на Комисијата, а индиректно да, тоа е Комисија на владите и неминовно има обиди на некој начин политиката да оствари свои цели, но ние се обидуваме колку што е можно повеќе да ја оставиме политиката на страна, со цел да работи оваа Комисија на едно академско ниво, рече Ѓоргиев.
Оценува дека за поголем успех во нивната работа клучно е повеќе да се слуша што зборува другата страна.
– Треба да се има и поголема флексибилност во однос на таа, би рекол митологизирана историја која постои кај нас и во бугарското општество за минатото на нашите народи и држави.
Кога би се надминала таа романтизирана перцепција за нашето минато, и повеќе би се спуштиле на земја, и повеќе би го слушале мислењето на другиот, тогаш мислам дека може да се дојде до некои препораки за подобрување на учебниците, и за приближување на ставовите за одредени личности од минатото кои според мене можат да се слават заедно, затоа што, гледајќи дека тие се херои и во Македонија и во Бугарија не гледам причина да не се слават заедно, но повторно да се запази перцепцијата и да се почитува перцепцијата на секоја страна, заклучува Ѓоргиев.
За одлуката на Министерството за образование и наука (МОН) историјата да не се изучува како посебен предмет туку да се инкорпирира во општествените науки, вели дека историјата мора да се изучува во училиштата, но оти треба да се менува пристапот кон изучувањето на историјата во учебниците.
Следната средба на Заедничката македонско-бугарска комисија е закажана за февруари идната година.
МИА Фото: МИА