Оваа сабота, на 30. мај во 20:30 часот, ќе се отвори овогодишното издание на Фестивалот Викенд на гордоста – Скопје 2026 во Музејот на современа уметност со групната изложба Анархични тела: согласност да не се биде едно, курирана од Славчо Димитров.
Во изложбата учествуваат уметниците: Дарко Алексовски, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ, Христина Иваноска, Јован Јосифовски, Тереза Лазарев и Александра Петрушевска, Јане Чаловски.
Наспроти силата на нужноста што го организира доминантниот општествен и политички поредок, оваа изложба предлага да (го) мислиме со телото како анархично — како жива, динамична и мислечка материјалност што не може да се сведе на стабилен идентитет, функција или форма. Наместо индивидуализирано и приватизирано единство, телото овде станува процес: фрагментирано, прекршено, изложено на други тела, технологии и средини, во постојано постанување.
Новосоздадените дела на уметниците го истражуваат токму ова поле на нестабилност. Телото се појавува како релација, како афект, како глич, како линија, како отворена структура што одбива да се затвори во себе. Наместо репрезентација, овие дела нудат апстракции на телесноста — не како оддалечување од телото, туку како негово распрснување во повеќекратни можности на (со)појавување.
Инспирирана од квир, феминистички и деколонијални перспективи, изложбата ја разбира телесноста како нешто што не мора да биде целосно видливо и читливо. Напротив, инстира на правото на непроѕирност.
Во таа смисла, квир перспективата не се јавува само како прашање на идентитет, туку како поетска и политичка сила што ги разградува нормите и класификациите на родот, сексуалноста и телесната кохерентност, отворајќи простор за дивата сила на плотта, за множественост и непредвидливост. За прекрасни импровизации и изведбени експерименти, за реконфигурации на сензибилното, и одбивање на управувањето.
Анархичното тело не е автономен субјект, туку „битствување-со“ — отворена резонанца на односи, допири и трансформации. Да се мисли со анархични тела значи да се прифати да бидеме нецелосни, не едно, туку распрснати во кореграфиите и еротизмот на бегството.
Изложбата ќе биде отворена до 30. јуни 2026, а Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026“ трае до 13. јуни, со настани во МСУ Скопје, МКЦ, Драмски театар, Котур филм и кафе и Љубов бар.
Погледнете ја целосната програма на фестивалот ТУКА.
Повеќе за фестивалската тематска поставка Анархични тела можете да прочитате ТУКА.
Промотивна објава














