Американскиот пејач Ар Кели (55) е осуден на 30 години затвор за сексуална злоупотреба на жени и деца.
Окружната судијка на САД, Ен Донели, како што пренесуваат американските медиуми, на изрекувањето на пресудата, рече дека пејачот користел секс како оружје, принудувајќи ги своите жртви да прават неискажливи работи, а некои заболеле од сексуално преносливи болести.
– Ги научивте дека љубовта е ропство и насилство, рече таа.
Неговите адвокати најавија жалба.
Кели е во притвор откако беше обвинет од федералните обвинители во Њујорк и Чикаго во јули 2019 година.
Неговите години поминати зад решетки беа исполнети со скандали, вклучително и тепање со затвореник во 2020 година.
На пејачот му се заканува понатамошна правна постапка во август, кога повторно ќе му се суди, овој пат во Чикаго поради сексуални слики со деца и обвиненија за опструкција. Тој, исто така, треба да се соочи со обвиненија за сексуална злоупотреба во судовите во Илиноис и во Минесота.
Фото: Фејсбук/Кели