Почнува регистрацијата за најголемиот и најмасовниот настан на тркала „Вози право, вози здраво“ во организација на Стопанска банка АД – Скопје, кој годинава ќе се одржи на 28 мај (недела), информираат од таму.
На овој ден, скопските улици во центарот на градот ќе бидат ослободени од автомобили и целосно отворени за сите рекреативци на велосипеди, тротинети, ролерки, скејтборди, бебешки колички и други еколошки превозни средства на тркала.
Сите што сакаат да бидат дел од овој настан може да се пријават на следниот линк најдоцна до 27 мај, со што ќе добијат стартен број, маичка и можност да освојат вредни награди во лотаријата.
Подигнувањето на стартните пакети почнува од 22 мај (понеделник) и ќе трае непрекинато до 27 мај (сабота), односно стартните бројчиња ќе може да се подигнуваат и на неработниот ден 24 Мај. Подигнувањето на бројчињата ќе се одвива пред просториите на Стопанска лизинг, на улица „Македонија“ бр.16, до спомен-куќата на Мајка Тереза, секој ден од 10 до 18 часот.
Стартот на седмото ревијално возење е од Порта Македонија во 17 часот, од каде учесниците се упатуваат до Градскиот парк каде ќе ги чека освежување обезбедено од организаторот, како и голема забава со музика, вредни награди и бројни изненадувања.
Секој учесник кој има стартно бројче учествува во лотарија во која за седмото издание на „Вози право, вози здраво“ ќе се доделат 7 велосипеди за возрасни Specialized, 7 детски велосипеди Specialized, 7 кациги Specialized, 7 Air pods, 7 Garmin часовници, 7 спортски ранци и 7 JBL слушалки.
Дополнително, во текот на настанот ќе се поделат и утешни награди, како маици, Топси торби и шишиња за на велосипед.
Повторно, ова е настан наменет за дружење, забава и промоција на здрави животни навики и чување на животната средина. Затоа на „Вози право, вози здраво“ не се мери времето и сите се победници, а главната цел е да се пренесе пораката за значењето на здравата животна средина, како и намалување на сообраќајниот метеж преку користење на алтернативни средства за превоз кои не ја загадуваат околината, велат од таму.