Сите се изјаснија за невини: Започна судењето и за 13. полицајци за „Пулс“

Денеска во Основниот кривичен суд Скопје започна судењето и за 13. полицајци за пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани, еден од трите предмети за трагедијата.

Сите се товарат за загрозување на општата безбедност и сигурност.

На рочиштето беше донесена одлука за одржување на главната расправа, а Судот го одби барањето за иземањето на вториот судија Лидија Петровска, која била четврта братучетка со сопруга на полномошник на оштететен.

Во овој случај им се суди на Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.

Од нив деветмина се полицајци, а четворица се началници – двајца од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани и двајца од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип.

Сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и дека сториле сѐ што можеле.

Тие на денотот кога се случи трагедијата – 16. март биле дежурни, а истовремено биле и ангажирани во т.н. дискотека. Иако биле присутни кога избил пожарот, ниту ја прекинале забавата, ниту спречиле активирање на пиротехниката.

Според Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, тие од 14 до 16. март одобриле и спровеле план за акциска контрола без да проверат дали тој ги има опфатено сите проверки што се во нивна надлежност, ниту, пак, дали се почитувани одредбите од стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење полициски работи.

Кобната ноќ влегле во „Пулс“ во 2:20 часот по полноќ, по усна наредба, а пиротехниката, што се смета за главната причина за избувнувањето на пожарот, се активирала среде контролата.

За трагедијата во тек е судењето за главниот случај, а предметот во кој беа обвинети тројца полицајци заврши. Тие добија условни казни.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ако и за Кочани нема правда, уште сега да се укинеме како држава

Условни казни за тројцата полицајци за „Пулс“: Прва пресуда за трагедијата во Кочани

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести