Родителите на загинатите во пожарот во Кочани, го повикаа Мицкоски да ја објави снимката од средбата, откако беа обвинети дека не ја зборувале вистината

Здружението на граѓани „16-ти Март“ го повика премиерот Христијан Мицкоски да ја објави целосната видеоснимка од нивната средба во Владата на 7. јули.

„Доколку навистина стоите зад своите зборови и верувате во транспарентноста и чесноста, Ве повикуваме слободно да ја објавите целосната видеоснимка од тој состанок, за јавноста самата да се увери во вистината“, се вели во реакцијата на родителите на загинатите во пожарот во Кочани.

Родителите реагираат на соопштението од Владата, од каде што тврдеа дека родителите на загинатите во пожарот во Кочани, лажеле дека премиерот на средбата рекол „одредете си цена за вашите деца“.

Вчера во Кочани повторно се одржа „Маршот на ангелите“, на кој родителите им порачаа на политичките партии да не ја злоупотребуваат нивната трагедија во политички цели.

Пред зградата на Општината тие упатија и критика до в.в градоначалникот Венко Крстевски, бидејќи сакал да организира музичка програма за Петровден.

„Се извинувам доколку со мојот потег за музичкиот дел од програмата за Петровден несвесно сум повредил некого.

Свесен сум дека постоеја и јавно изразени ставови од некои граѓани дека не треба да присуствувам на „Маршот на ангелите“. За жал, притоа бев навредуван со клетви и погрдни зборови. Иако тоа длабоко ме потресе како човек, не им го земам за зло. Ја разбирам болката што стои зад тие зборови. Кога ќе изгубиш најмил, зборот често станува крик, а тишината товар кој тешко се носи.

Како в. д. градоначалник, мојата улога не е само административна, туку и човечка. Да бидам со сите граѓани, да слушам, да разбирам и да дејствувам со одговорност и чувство. Сакам да го сочуваме достоинството на градот, но и да создадеме простор за напредок и развој, особено за младите, за животот што мора да продолжи, со сите негови тешкотии и светлини,“ напиша Крстевски на Фејсбук.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Одредете си цена за вашите деца“, им рекол Мицкоски на родителите на загинатите во пожарот во Кочани

Владата вели дека родителите на загинатите во пожарот во Кочани лажат за изјавата на Мицкоски

Фото: Архива/Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести