еМагазин
Image default
Забава

Шарески трио & Симеон Петров приредија вистински светски џез амбиент во Битола

Синоќа во клубот Јагода во Битола, етаблирана точка која неколку години е сцена за домашни и странски артисти од светот на електронската музика, за прв пат се организира концерт под наслов „Thursday We Jazz“ на кој настапи македонскиот џез гитарист, композитор и аранжер Георги Шарески со своето трио, а специјален гостин беше младиот трубач со париска адреса и македонски корени Симеон Петров.

Шарески е џез музичар од светска класа, дипломец е на колеџот во Беркли-САД, има издадено седум албуми со оригинална музика и настапува на познати џез-фестивали низ цела Европа и светот.

На концертот во битолскиот клуб Јагода, локација која е всушност реконструран железнички магацин и го има оној вајб на берлинската авангардна сцена, на која Шарески е веќе одомаќинет, настапи со познатата формација во која се Оливер Јосифовски на бас и Александар Петровски на тапани.

Концертот на Шарески триото само потсети колку џезот е иновативен, колку личните стилови на музичарите имаат слобода, покажувајќи ја таа идеална димензија во која секој музичар има свој уникатен звук, како што секој човек има уникатен карактер.

Младиот трубач кој е роден и живее во Париз, Симеон Петров воодушеви и даде една поинаква димензија на неколку одбрани постари дела на Шарески, како и музика инспирирана од балканските, американските, па и африкански ритмови и мелодии.

За познавачите, во џез-клубовите во Европа, секогаш има концертна атмосфера. Публиката го посветува целото внимание кон бината, никој не зборува гласно, озвучувањето е совршено, а бендот може да изведува и дела со најнежна динамика.

Тоа синоќа се случи во клубот Јагода и ја направи таа квалитетна разлика со она што се случува на нашите простори, кога доаѓаат џез музичари, односно кај нас музиката во живо во кафулињата и клубовите најчесто е третирана како позадинска, што го минимизира она што таа има да го каже и искомуницира со публиката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Во Велес се јадеше пита-пастрамајлија од 4 метри

Редакција

Јубилеј: 30 години музичка кариера на Мирко Попов

Редакција

Ношпал ѝ се враќа на „ready-to-wear“ модата

Редакција