(Фото) Во Битола се бара место повеќе за сместување: 20.000 посетители на концертот на Чолиќ и 9.000 на „Бит фест“

Во пресрет на Илинден, Битола се соочи со исклучително голем интерес од посетители, при што речиси и да немаше слободни сместувачки капацитети. Кулминацијата на празничната атмосфера беше спектакуларниот концерт на Здравко Чолиќ, кој на едно место собра околу 20.000 посетители од земјата и регионот, синоќешниот настап на Steve Aoki на Стадионот „Петар Милошевски“, повторно создаде вистински спектакл и незаборавна музичка вечер.

„По празничните денови, Битола продолжува да живее со богатата програма на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“, кое до крајот на јули реализираше 46 настани со повеќе од 9.000 посетители. Концерти, изложби, театарски претстави, книжевни промоции и други перформанси ја претворија Битола во отворена сцена на која уметноста е достапна за сите граѓани и гости на градот. Културните настани во Битола, продолжуваат да бидат туристичка атракција и во следните денови,“ информираат од Општина Битола.

Директорот на Културно-информативниот центар Битола, Димитар Михајловски, истакнува дека годинашното издание на фестивалот за првпат е во целосна организација на КИЦ Битола, чиј основач е Општина Битола и дека програмската концепција на културното лето целосно кореспондира со визуелниот идентитет на фестивалот – фреската на македонскиот академски сликар Борко Лазески, на која се наоѓа песната „Битола, бабам Битола“.

„Од денешен агол слободно можеме да кажеме дека програмата што ја утврдивме соодветствува на визуелниот идентитет на „БИТ ФЕСТ“, а тоа е фреската „Битола, бабам Битола“. На ова ремек-дело, изработено во 1991 година и сместено во големата сала на битолската пошта, може да се прочитаат стиховите: „Битола, бабам Битола. Таму се живот живее, таму се јаде и пие, таму се игра и пее“. Токму тоа денес се случува во нашиот град“, вели Михајловски.

Тој потсетува дека Борко Лазески верувал дека уметноста треба да биде достапна за секој човек, поставена на места каде што луѓето живеат, се движат и секојдневно комуницираат.

„Триесет и пет години подоцна, слободно можеме да кажеме дека и ова лето и на овој „БИТ ФЕСТ“, исто како и на фреската, има многу луѓе, многу живот и многу уметност. Делата на уметниците се достапни за секого, на сите локации што ги избравме за нашата културна понуда“, нагласува Михајловски.

Фреската на Лазески, која годинава е официјален визуелен идентитет на фестивалот со согласност од семејството на авторот, претставува вистинска хроника на битолскиот живот. На неа се испреплетуваат сцени од Илинденскиот период, конзулска Битола, боемскиот живот, ликовната и музичката уметност, богатите библиотеки, пајтоните и браќата Манаки со нивната легендарна „Камера 300“. Таа истовремено потсетува на историското наследство и на космополитскиот дух по кој Битола е препознатлива.

Токму во хармонијата меѓу урбаното и традиционалното, меѓу европскиот дух и народното наследство, се наоѓа уникатноста на Битола. Како што на фреската женската убавина, музиката, книгата, театарот и историјата создаваат една жива и динамична целина, така и годинашниот „БИТ ФЕСТ“ ги спојува различните уметнички изрази и генерации во заедничка прослава на културата.

Денешната фестивалска атмосфера, исполнетите сцени, плоштади и културни простори се вистински одраз на визијата на Лазески – Битола како град во кој се живее, се создава, се игра и се пее, град во кој традицијата и современоста се надополнуваат и заедно го градат неговиот препознатлив идентитет.

Битолското културно лето продолжува и во наредниот период со бројни содржини за сите генерации, потврдувајќи ја пораката што Борко Лазески ја оставил на своето ремек-дело: дека уметноста им припаѓа на граѓаните и дека градот живее најсилно тогаш кога се игра, се пее, се создава и се споделува културата.

До крајот на Битолското културно лето, следуваат повеќе настани, меѓу кои: на 6. август, во Офицерскиот дом, концерт ќе одржи Трио „Интерарт“, а на Хераклеа гостува ансамблот „10 те бузуки на Домна“ од Грција. На 7. ќе се одигра мултимедијалниот перформанс „Чествување на заветот“, на 8. август публиката ќе може да ја проследи современата комедија „Европа или смрт“, а на 14. и 15. август, во Старата битолска чаршија ќе се одржат Битолски Чалгиски Денови, фестивал посветен на чалгиската музика и богатото културно наследство на Битола, кој преку разновидна музичка програма ќе ја оживее автентичната атмосфера и духот на старата чаршија.

На 16. август Националниот џез оркестар ќе настапи во Битола, на 26. август детскиот хор „Ѕвончиња“ и тинејџерскиот хор „Попрокет“ ќе раскажат една весела музичка приказна за народ кој и во најобичната
случка умеел да пронајде песна, а на 29. август, со концертот на Фолтин, Хераклеа повторно ќе биде местото каде што ќе се почувствува пулсот на една приказна што и по три децении продолжува да живее со истата сила, а БИТ ФЕСТ ќе го заокружи своето овогодишно издание.

Програмата на БИТ ФЕСТ 2026 е достапна на следниот линк https://kicbitola.mk/програма-на-битолско-културно-лето-б/.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести